
СЈО да добие надлежности за гонење висока корупција- предлагаат експертите во работните групи за реформи
Специјалното јавно обвинителство да добие нови ндалежности за да гони висока корупција направена од функционерите, ова е главната реформа која работната група на министерството за правда ја предлага за да се продолжи рокот на живот на СЈО. Со реформите кои се разгледуваат, идејата е изградениот капацитет и начин на работа на СЈО да остане во правосудниот систем и по завршувањето на случаите и истрагите произлезени од таканаречените бомби.
Од членови на работната група на СЈО, Телма дознава дека се чека одговор од специјалното обвинителство за да се зсаокружи предлогот како тоа да се реформира. Додека за проширување на надлежностите експертите се единствени, во работната група има две размислувања за идниот статус на СЈО, дали тоа да биде потполно самостојна институција како досега или пак да се вметне во системот на Јавното обвинителство, но и таму да има голема независност во работата и да нема влијание од страна на државниот обвинител врз нивните активности.
Вториот модел е сличен на романскиот модел со обвинителството ДНА, кое е во склоп на државното обвинителство, но има целосна самостојност. Откако сите предлози ќе бидат разгледани ќе биде избран моделот и ќе почне и јавна расправа. Најголем проблем засега останува јавното и остро противењена опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, кое СЈО го смета за обвинителство кое одработувало за СДСМ. Политичките преговори за судбината на СЈО и за неговите проширени надлежности во борба против високата корупција ќе се одвиваат наесен и наредната година.
Мандатот на СЈО за поднесување на обвиненија истече лани во јуни. Но, специјалните обвинители продолжија со истраги врз основа на прислушуваните разговори. Сега имаат можност да ги предадат на основните обвинителства доколку таму има отворени истраги за исти предмети или постои интерес за нив, стои во законот за специјалното јавно обвинителство.
Досега СЈО со првостепени пресуди заврши само неколку случаи, а меѓу осудените е и екс премиерот Никола Груевски кој во случајот Тенк беше прогласен за виновен дека незаконски ја потикнал набавката на скапиот мерцедес и е осуден на 2 години затвор. На пресудата е поднесена жалба. Завршија и случаите Триста, Труст, Тврдина 2. Најголемите случаи Титаник, за изборните измами и Тврдина-Таргет за нелегалното прислушување се уште се во почетна фаза.
Миомир Серафиновиќ