
СЈО анализирале повеќе од 500 илјади прислушувани разговори
Обвинителите на СЈО анализирале 515 572 аудио фајлови, односно 85 проценти од прислушкуваните разговори се во обработка, пишува во најновиот 6 месечен извештај на СЈО.
Изминатите 6 месеци СЈО отворило 7 нови истражни постапки против вкупно 17 лица. Заведени биле и 136 нови предистражни предмети.
Јанева во извештајот пишува дека и покрај многубројните укажувања од нејзина страна не беа обезбедени законски гаранции со кои би се регулирала положбата на СЈО
„И покрај изразената подготвеност и упатените укажувања, загрижува фактот што во целиот изминат шест месечен период од страна на надлежните институции не се превземени конкретни мерки за изготвување на соодветни законски решенија во утврдената временска рамка, а со кои би се регулирал и на соодветен начин би се решила правната положба на Специјалното јавно обвинителство согласно целите утврдени со Стратегијата, пишува во извештајот“.
Јанева потенцира дека и покрај активниот придонес и учество од СЈО, Собранието се уште не ги донесе Законот за заштита на укажувачи и Законот за заштита на приватноста, како и измените на Законот за заштита на сведоци.
Специјалната обвинителка потсетува дека изминатиот период 15 поднесени обвиненија се потврдени и се одржале 81 рочиште во Кривичниот суд. Специјалната обвинителка очекува дека судот поинтензивно ќе ги закажува рочиштата со што на обвинителите од СЈО ќе можат да ги докажат кривичните дела и поднесените обвиненија. Јанева испрака порака и до судиите да не дозволуваат непотребно одлагање на судските процеси и успорување на правдата.
„Сметам дека е потребно од страна на судот да се има предвид сериозноста на кривичните дела кои се предмет на обвиненијата поднесени од страна на ова Јавно обвинителство во смисла на обезбедување непречено водење на судските постапки како и избегнување на нивното непотребно одлагање. Во оваа насока сметам дека судот има обврска да се воздржи од постапување кое е насочено кон успорување на правдата“, пишува Јанева.