
Кој ќе може да работи и после 64 години?
Сите работници во земјава и од јавната администрација и од приватниот сектор ќе мора да се пензионираат максимум до 64 години. Отстапки најверојатно ќе има само за здравствените работници и професорите, како дефицитарни кадри. Премиерот Заев најави дека во иднина нема да може да се работи до 67 години, за да се ослободат работни места за младите. А пратеничката група на СДСМ веќе ги крчка измените за да го имплементира ова решение. Но, велат имаат многу дилеми, и се уште ги пеглаат разликите, па детали не откриваат.
И додека пратеничката група работи на новите решенија, министрите конфузни во изјавите.
Министерот Манчевски е дециден дека жените ќе се пензионираат на 62, а мажите на 64 години како за тие вработени во јавната администрација така и за тие кај приватните газди.
Ќе биде задолжително на 64 години и за јавен и за приватен сектор за сите, тоа е предлог на законот. Ќе бидат можеби оставени некои сектори каде што имаме недостаток на соодветен професионален кадар,
изјави Манчевски.
Различно од него размислува министерката Царовска. Царовска деновиве изјави дека бизнисот нема да биде ограничен да не може да го продолжи работниот однос на вработениот до 67 години.
Бизнис секторот нема никаква потреба да не го продолжува работниот однос за работниикот за кој има потреба. Законот за работни односи регулира дека може да продолжат и по 67 години доколку има потреба. Јавната администрација со години се обидуваме да ја реформираме и ослободиме,
изјави Царовска.
Манчевски тврди никој нема да биде дискриминиран. А ако така се чувствува може законот да го оспори на Уставен суд.
Граѓаните имаат право да ги оспорат на Уставен Суд сите закони. Уставниот суд ќе се произнесе. Ние сметам дека апсолутно е во ред,
вели Манчевски.
За сега многу дилеми за тоа што конкретно ќе содржат новите решенија и за кого ќе се однесуваат. Статистички во земјава има околу 10.000 работници кои го користат правото да одат на работа до 67 години.
Александра Филиповска