
Сите бегаат од одговорност за бегството на Војминовски
Сите отфрлаат одговорност за бегството на осудениот за убиство на Зијадин Села, Никола Војминовски. Денеска државното обвинителство се правда. Тоа што Војминовски сведочеше во корист на обвинителството на судењето на крвавиот четврток велат не е поврзано со тоа што обвинителството се согласило тој од затворски да оди во куќен притвор. Потврдуваат дека тој првично бил во Шутка но поради тоа што имал срцеви проблеми и колабирал на едно од рочиштата одобриле да оди во куќен притвор. Сега ќе бараат дали некој му помогнал во бегството.
- Откако од Министерството за внатрешни работи беше утврдено дека обвинетиот ја нарушил мерката куќен притвор, надлежниот јавен обвинител беше усно известен. Доколку МВР, кој е надлежен орган за контрола и надзор на мерката куќен притвор, обезбеди релевантни докази кои би укажале на извршено кривично дело кое се гони по службена должност, Обвинителството би се вклучило со кривичен прогон против лица кои евентуално му овозможиле бегство на обвинетиот, велат од Јавното обвинителство на РМ.
Од МВР нема одговор како избегал Војминовски. Велат дека тие се надлежни во текот на денот да прават ненајавена постапка во домот каде е притвореникот за да проверат дали го почитува притворот. И од судот вчера преку соопштение ја правдаа одлуката за домашниот притвор повикувајќи се на предлогот на обвинителството. За адвокатот на Војминовски пак се уште не е прецизирано дали тој е избеган, решението за ново изречениот притвор пак се уште не го добил. Потврдува дека во вторникот утрото родители на Војминовски пријавиле во полициската станица Ѓорче Петров дека синот не е дома.
Но, остава простор дека можеби нешто се случило со Војминовски бидејќи не покажал никакви знаци дека планира бегство. Тој деновиве ја чекал одлуката на Апелациониот суд бидејќи се жалел што основниот суд не му го прифатил барањето за амнестија. Бил разочаран што не влегол во групата амнестирани. Се жалел и на затворската казна од 13 и пол години затвор но одлука и по таа жалба нема.
Инаку Војминовски заедно со Александар Јаневски Тошта ги добија највисоките затворски казни од седумтемина обвинети за обид за убиство на Села. Во иствореме единствено ним откако обвинителството добри судот им изрече куќен притвор и по донесувањето на пресудата лани во јули. Сега од обвинителството велат дека во целата постапка против Војминовски немало никакви индиции дека тој ќе бега.
Но, од вчера за него е одреден притвор, но зад решетки ќе оди кога ќе биде најден со потерница. Нему друштво на сајтот на МВР во делот потраги му прават екс премиерот Никола Груевски, осомничениот за Крвавиот Четврток Дејан Давидовски, докторот Никола Дамчевски, Јетон Љужа осомничениот за убиството на младиот Саздо, но и Филип Секуловски, убиецот на Мартин Јанушев, но и австриецот Гампер Волфганг од случајот Секјуриком. Сите овие се бегалци од повеќе познати случаи од последнава година чиј траг се уште не е пронајден.
Билјана Николовска