
Систематизацијата на првата група вработени по Рамковен ќе заврши за месец до два
Вкупно 958 административни службеници вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор се опфатени со првата фаза за прераспределување во институциите од јавниот сектор.
Образованието, работното искуство, моменталната состојба со бројот на вработени во институциите, каде се распределуваат и местото на живеење се критериумите врз основа на кој се спроведува процесот.
Целокупниот процес опфаќа вкупно 1.600 лица, а преостаните ќе бидат систематизирани во втората фаза.
– Наследениот проблем со 1.600 вработени согласно Рамковниот договор, конечно е надминат. Ова на брифинг го најави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Овие прераспределби се овозможени од измените во Законот за административни службеници и со амандмани на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за Управата за јавни приходи, Законот за даночна постапка и Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
Целиот овој процес нема дополнителни буџетски оптоварувања, а меѓу лицата кои се опфатени со систематизцијата нема само етнички Албанци.
– Доколку овие лица одбијат да бидат распределени на работните места предвидени за нив според споменатите критериуми, ќе бидат префрлени на трансфер листата на МИОА. Во моментот кога ќе бидат побарани за превземање имаат обврска да ја прифатат понудата. Доколку повторно одбијат, со нив договорот ќе биде раскинат, информираше министерот.
– Веруваме дека тие позитивно ќе одговорат на нашето барање за систематизација. Досега немаме изјави, ниту индикации дека тие не би прифатиле да потпишат договор, со кој ќе се распределат на одредено работно место, изјави вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика на денешната прес-конференција.
Ако првото понудено работно место не им се допаѓа, тие ќе се најдат на трансфер листата на МИОА, а оттаму институциите ќе имаат преглед за лицата кои се достапни, а кои им одговараат на нивните потребни за ангажирање. Доколку и втората понуда ја одбијат, договорот им се прекинува.
– Важно е што процесот почна, официјално вчера, но не можеме со сигурност да кажеме колку тој ќе трае. Службениците се поделени во две групи, имаме временска рамка од еден до два месеца за првата група, но таа не е конечна и дефинитивна. Паралелно работиме и со другиот дел од државни службенции, за кои ќе се применат истите критеруми, кои беа применети и за овие, нагласи Лика.
Во врска со просечната плата што ја примале овие државни службеници, откако во јавноста излезе бројка од околу 440 евра, од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот велат дека таа бројка не е реална, бидејќи секој од нив имал различно образование, различно вработување и согласно тоа сите не зимале иста плата.
Вработувањата на овие лица започнало во 2008 година и се до 2014-15 година биле вработувани во согласност со објавените огласи во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.