
Синот на пратеникот на ДУИ Џеват Адеми повреден на свадба во Мала Речица
Со по една рана во градниот кош предизвикана од огнено оружје се здобија синот на пратеникот на ДУИ Џеват Адеми и негов роднина додека синоќа биле на свадба во Мала Речица.
27 годишниот А.Б од Мала Речица и неговиот една година помлад роднина од соседното село Голема Речица, веднаш биле однесени во Клиничката болница во Тетово. Поради сериозноста на повредите тие се префрлени на скопските клиники и според информациите оттаму, се наоѓаат надвор од животна опасност.
Од семејството на Адеми за дел од медиумите на Албански јазик, потврдиле дека е повреден синот на пратеникот, но дека тоа се случило од заталкан куршум.
Според здобиените повреди крајно непрофесионално е да одговориме дали раните се предизвикани од заталкани куршуми, вели Д-р Бесими.
Одговор на тоа треба да дадат други институции.
Од Полицијата засега не даваат поконкретни информации како настанал инцидентот и дали се работи за заталкани куршуми. Само потврдуваат дека двете лица се здобиле со повреди од испукани куршуми од огнено оружје. Оттаму немаме ниту информации за осомничени во случајот. Велат дека допрва истрагата треба да го покаже тоа.
Најчесто во полошко свадбите и другите веселби се пропратени со истрели од огнено оружје, а куршумите завршуваат по излози, автомобили, но и во гостите.
Годинава ова е прв инцидент во полошко каде сватови настрадаа од истрелите. Изминативе неколку години полицијата регистрираше по неколку повредени, а во 2015 година од испукан куршум на свадба, 10 годишно дете го загуби животот.
Ќебир Авзиу професор по криминалистика при Универзитетот во Тетово, вели дека во овој период од годината потребна е поголема контрола на полицијата за да се спречат несакани последици на свадбените церемонии.
„Во летниот период, надлежните треба да ја засилат контролата околу употребата на оружје на свадбени церемонии, и секој кој го злоупотребува оружјето може да се пронајде според испуканите куршуми и тоа треба да се проверува, не да чекаме тој куршум да заврши во некого“, вели професорот по криминалистика Ќебир Авзиу.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово велат дека ги засилуваат превентивно-контролните и репресивни мерки на планот на откривање и законско санкционирање на свадбените пукања. с Казните за употреба на оружје на јавно место се движат од 100 до 500 евра, доколку со негова употреба се загрози нечија безбедност сотрителот се гони кривично со казна затвор од 1 до 5, односно 10 години.
Зоран Димовски