Синдикатите за угостителство и туризам бараат од Владата обезбедување сигурност и надоместоци за работата
Додека чекаат да се вратат на работа, од туристичко – угостителскиот сектор го рекактивираа Синдикатот, со цел, како што рекоа денеска, да упатат барања до Владата, да им обезбеди сигурност и надоместоци зашто или останале без работа поради пандемијата или не земаат никакви плати, а имаат семејства.
Со транспарентни на кои беа напишани градовите од кои доаѓаат, претставници на реактивираниот Синдикат за угостителство и туризам, кој брои 4800 членови, претставувајќи ја својата програма, упатија барања до Владата, за обезбедување сигурен живот и надоместоци на работниците кои поради пандемијата останаа без работа или плати. Бенефициран стаж, платен годишен одмор од 20 работни дена, доделување К-15, без да им се враќаат парите на работодавачите, се дел од нивните барања, за, како што нагласија, сузбивање на сивата економија.
- Пријавување на цело работно време. Пријавувањето да биде на цела плата и да сме целосно осигурени, здравствено осигурени.Сето тоа да се регулира. Една од точките, викендите кои ги работиме ние угостителските работници, прекуврмената работа и работата за време на празник да биде платена , согласно Законот за работни односи и Колективниот договор- Влатко Николоски- потпретседател на Синдикат на угостители.
Од синдикатите за угостителство и туризам, немаат прецизна бројка колку работници останале без работа поради пандемијата, зашто како што велат, од 3 работници во овие сектори, само 1 е пријавен. Според Комората, бројката на пријавени вработени во угостителско- туристичкиот сектор е 29 000. Тие немаат точна информација, кога ќе се вратат на работа зашто од работодавачите биле повикани само за чистење и подготовка на локалите. А, за упатените барања, допрва очекуваат средба со претставници од Владата.
Сотир Трајков