
Симовски: Македонија нема да се пребројува во април
Потврда дека нема да има попис на населeнието кој беше планиран за на пролет 2020-та стаса и од директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
По 19 години пауза од последното пребројување партиските лидери одбраа избори нaместо попис, бидејќи невозможно е да се спроведуваат двете операции во ист месец, тврди Симовски.
Во вода паѓаат и досегашните подготовки а ќе се сочуваат планираните 8 милиони евра. Единствена можност Македонија што поскоро да се попише останува за наредната есен.
„И ние бевме затекнати од новонастанатата ситуација, иако бевме подготвени да го почнеме пописот во пролет 2020 година. Меѓутоа поради изборите, сега ќе треба да го одложиме. Најубаво ќе биде да се одржи во есен или во пролет. Летниот период поголемиот дел од граѓаните се на годишни одмори, а зимно време одредени делови од земјата се недостапни“, вели Симовски кој дополни дека дополнително ќе биде одреден новиот термин.
Пописот остана недоработен и во работните групи на ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ кои срединава на летово требаше да се усогласат околу законот за јавно обвинтиелство, и пописот на населнието.
Ако ја минеше првата партиско-политичка пречка, на потег ќе беше владата преку министерството за правда да предложи закон.
Доколку се задржи истиот коцепт за идниот попис во прашалникот ќе има и графа за етничка и религиска припадност, а за прв пат ќе се применува комбиниран метод. Попишување ќе има на терен, но ќе се користат и државни бази на податоци за сума од над 8 милиони евра.
По синоќешната лидерска средба премиерот Зоран Заев рече дека дека пописот може да се спроведе и по изборите.
Коалициониот партнер Али Ахмети е прво за избори, а потоа за попис, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека пописот треба да се одржи во 2021 година.
Во март 2018 година, СЈО отвори истрага против поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети со што ги осомничи дека намерно го прекинале пописот и го оштетиле државниот буџет за 175 милиони денари.
Павле Беловски