Силна меѓународна подршка за договорот за името

Иако нема официјална потврда, речиси е извесно дека германската канцеларка Ангела Меркел доаѓа во Македонија во текот на септември, како знак за силната поддршка што меѓународната заедница ја дава за референдумот закажан за 30-ти септемви.

Освен Меркел, како што дознава Телма, планирана е и посета на американскиот министер за одбрана Џејмс Матис, која би можела да се случи околу 10-ти септември. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, идниот месец сигурно доаѓа во Македонија.

Станува збор за дипломатска офанзива, која се толкува како сигнал дека меѓународната заедница е многу заинтересирана да го заврши референдумот успешно, а со тоа Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори со Европската Унија.

„Тоа означува дека Македонија ја гледаат како сериозен проект и како проект кој е на работ на тоа да зачекори во еден вистински правец. Тоа треба да не охрабри, односно треба да ги охрабри оние кои имаат стратешка определба Македонија да оди кон евро-атлантските интеграции, но исто така означува дека ова е последна шанса. Дека де факто, за нас ќе биде сега или никогаш и дека тешко ќе се повтори ваква заинтересираност на меѓународната заедница повторно“, вели комуникологот Петар Арсовски.

Поддршка за референдумот се очекува да дадат и австрискиот канцелар Себастијан Курц, а се спомнува и посета на холандскиот министер за надворешни, Стеф Блок. Познавачите велат дека листата не завршува тука, но за сега, ниту Владата, ниту Министерството за надворешни не ги потврдуваат посетите на виоките гости.

Арсовски вели дека европските и американските дипломати секогаш играле позитивна улога во важни политички моменти, и може да имаат одредено влијание врз мислењето на неопределените на референдумот.

„Мали се влијанијата на меѓународната заедница, но кај оние кои се неопределени, кои се уште се размислуваат, тој кредибилитет ќе има некакво влијание. Најмногу ќе ги засилат престојните предиспозиции, но сепак, меѓународната заедница во Македонија во клучните моменти играла позитивна улога, така што тие го знаат тоа и тоа е дел од нивната стратегија и затоа инсистираат на таквите изјави за поддршка“, додава Арсовски.

И додека меѓународната заедница дава недвосмислена поддршка за референдумот, можно е претседателот Ѓорѓе Иванов да не биде во Македонија на денот на гласањето. Иванов при крајот на септември патува во Њујорк на 73-то Генерално собрание на Обединетите нации. Од неговиот Кабинет велат дека согласно системот на ротација, Иванов на 27 септември ќе се обрати пред Генералното собрание, а на прашањето дали ќе биде тука за референдумот, одговараат дека агендата допрва се утврдува и дека претседателот не може да ги одложи своите должности.

Марија Дивитарова

https://youtu.be/OCxfoyIP0Hs

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ