
Силјановска Давкова: Ги злоупотребија ЕУ и НАТО за да го променат името на државата
Невладеењето на правото ќе доведе до хаос. Секаде во светот се заговара на преиспитување на досегашните политики и се повикува на малку идеализам, зашто со моралот, со правото и правдата ќе создадеме претпоставки за мир, рече вечерва професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидатот за претседател поддржан од ВМРО ДПМНЕ, на митингот во скопски Ѓорче Петров. Барајќи ја поддршката од жителите на Ѓорче Петров, Силјановска објаснуваше дека Македонија е заглавена во транзицијата и затоа е потребна демократска консолидација, односно како што кажа стабилни институции. Далеку е европското сонце, вели Силјановска, ако во земјата имате селективна правда и реваншизам. Ја обвини актуелната власт дека се крие зад ЕУ и НАТО за да го промени името на државата.
Потребно е да се фокусираме на уставните недоречености, рече Силјановска и на граѓаните им вети дека во нејзиниот кабинет ќе има тим за скицирање на новите уставни решенија. Порача дека ќе соработува со сите министри, бидехќи, како што кажа кога станува збор за правдата, суетата не треба да постои.
Веднаш по неа се обрати и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Се концентрираше најмногу на неправдата нанесена од СДСМ, која додека биле во опозиција им ветувала решенија за проблемите на граѓаните. Но, сега, тоа не е така, рече Мицкоски, и ги обвини дека одат напред со полни кеси пари.
Додека патриотите добија затворски казни од два века, припадниците на ИСИС ќе излезат од затвор за шест години, рече Мицкоски и на денот на изборите повика на мобилизација, обединување и заедништво.
Алиса Шутиноска