
Силјаноска Давкова: Неинтонирањето на химната е недостиг на патриотизам
Сите нации имаат право на самоопределување. Нема самоопределување без име, без знаме, без химна, без Устав, порача професорката Гордана Силјаноска Давкова, кандидат за претседател на ВМРО – ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Неготино. И додаде дека тоа ќе го вратат на правен начин. Барајќи ја својата доверба од Неготинчани таа најмногу се задржа на неинтонирањето на химната при вчерашната посета на грчкиот премиер Ципрас. Истакнувајќи дека поради овој чин нема човек во земјата кој се чувствува добро. Но, се е тоа поради недостиг на патриотизам кај актуелната власт, на која како што рече се потсмева и самиот Ципрас.
Силјановска Давкова рече дека и нејзините грчки колеги во своите колумни пишувале дека со Преспанскиот договор, Грците успеале да го редизајнираат идентитетот на соседот. И поради тоа како што кажа народот секој ден е сведок на убивањето на идентитетот.
Според неа, власта не промовира никакви европски вредности, бидејќи во Европа не се оди со валкана политика со која се фалат, не се оди без владеење на правото и со корупција. Ги повика Неготинчани да не ги бојкотираат изборите, во спротивно ќе останеме надвор. Порача дека токму таа како претседател ќе биде модератор на интересите на граѓаните, а не на политичките и партиските.
Веднаш по неа говореше и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој повтори дека реалноста во која се живее денеска е неправдата. Го обвини премиерот Заев дека кога бил во опозиција ги злоупотребувал човечките судбини само за да дојде на власт, спомнувајќи го трагично загинатиот новинар Никола Младенов за кого, претходно зборувал дека има докази дека бил убиен.
Мицкоски продолжи дека патриоти, луѓе кои погрешиле само затоа што си ја сакале сопствената држава, денеска се затворени со казна затвор повеќе од два века. А во истовреме, терористи повратници од Сирија добиваат казна од 6 години. Ја обвини власта дека не ги интересира ништо освен пари. Ги повика граѓаните на поход врз сите инситуции за да ја вратат правдата во државата, но и да ги вратат дома сите оние кои ја напуштиле земјата.
Алиса Шутиноска