
Шведска ја доби скадинавската драма со Данска и закажа финале со Шпанија
Шведска по пауза од 16 години обезбеди финале и ќе има можност во недела (20:30, пренос ТВ Телма) да се бори за петиот златен медал на Европското првенство во Хрватска. Во второто полуфинале славеше над Данска со 35:34 во продолженија од два пати по пет минути откако во основниот дел беше нерешено 28:28. Олимпискиот првак ќе игра за четвртата бронза во петтиот обид.
Двете репрезентации добија по едно полувреме иако Данска не беше ниту еднаш во предност туку само трипати го израмнувеше резултатот. Шведска на одмор замина со 16:14 а водеше дури и со пет голови во неколку наврати на мечот. Сепак, на крајот го издржа притисокот од соседот и го затвори драматичното скадинавски полуфинале по 10 дополнителни минути.
Закрисон со осум голови а Готфридсон и Екберг со седум ја предводеа Шведска до големото финале. На голот Паличка беше одличен со 20 одбрани. Кај поразената репрезентација Хансен со 12 голови беше прв стрелец, Лауге реализираше 11.
Во недела за титулата во реприза од 1998 година ќе играат Шпанија и Шведска, а во утешното финале за бронзата ќе се борат Франција и Данска.