
Швајцарија ни дава пари за рамномерен развој, но бара да не се трошат за лични интереси
Швајцарија ни дава грант за земјава да го надмине проблемот со нерамномерниот регионален развој, но бараат парите да се трошат транспарентно, а градоначалниците да го сменат својот менталитет и да не се борат само за личните интереси, туку за добро на сите граѓани. Заменик амбасадорот на Швајцарија, Томаџан, вели дека за тоа е потребна политичка воља и зрелост, и ќе биде битно и за швајцарските даночни обврзници кои ги донираат средствата, но и за домашните, бидејќи се ограничени буџетските средства.
Се дава можност дискусијата да ги надмине личните, тесните интереси на градоначалниците, тие да гледаат не само во рамките на својата општина, туку да гледаат на регионално ниво. Но, ќе биде потребно време да се смени тој менталитет, но тоа е од клучно значење, и ќе помогне за подобор и децентрализирано носење на одлуки, вели Стефан Томаџан, заменик амбасадор на Швајцарија.
Министерот за локална самоуправа, Фазлиу, тврди дека Швајцарците ги даваат парите по строги договори и правилници, и трошењето се следи буквално во чекор.
Тие договори се почитуваат до крај и парите се трошат транспарентно, имајќи предвид дека при секоја фаза на евалуација имаме претставници и од швајцарската амбасада, кои не следат во секој чекор од имплементацијата на проектот, така да нема пшростор нои за злоупотреби, ниту за нетранспарентно трошење, вели Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа.
Но ако Швајцарската амбасада има механизми за буден мониторинг, за дел од градоначалниците кои иако лани добија 50 милиони евра од државата за да се раздолжат, продолжија да се луксузираат и да купуваат скапи возила, Владата вели дека нема можност за директна контрола врз локалните власти.
Власта во нашата држава е разделена, едно е локална, друго е централна власт. Знаете дека локалната власт си оди на локални избори, таму граѓаните ги избираат советите, градоначалникот, буџетите кои се дефинирани по закон, така да практично централната власт и нема многу позиција како од аспект на власт или од аспект на механизми на државата да влијае врз сето тоа, но секако има политички механизми, бидејќи тие се избрани градоначалници, членови на политичка партија, која е на власт, така да механизмот на контрола повеќе се одвива по таа линија, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Швајцарската помош тежи вкупно 1,2 милиони швајцарски франци, од нив секој од осумте плански региони во државава ќе спроведе по два проекта – за животна средина, социјална инклузија, бизнис инфраструктура и туризам. Најмалку пари ќе добие скопскиот најразвиен регион, а најмногу најнеразвиениот, североисточниот регион. Од идната година ќе проработи софтвер кој ќе покажува колку пари за рамномерен развој каде отишле и дали правилно се потрошиле.
Нина Нинеска-Фиданоска