
Шуклева ќе биде генерален, Зиков финансов на МЕПСО, Ќурчиевски на РЕК Битола
Нови први луѓе и промени во менаџерските тимови во клучните енергетски компании. Државната МЕПСО добива директорка, Ева Шуклева е предложена од Министертвото за транспорт, кое е акционер во компанијата, за нов генерален директор. Од Транспорт ја потврдија информацијата, се очекува, велат, официјалното назначување да биде утре. Шуклева е долгогодишен кадар на МЕПСО, досега две години беше претседател на Надзорниот одбор. Родена е во 1971 та, и за разлика од нејзиниот претходник Василевски, кој беше правник, таа е магистер електроинжинер, со долгогодишно искуство во енергетскиот сектор. Во МЕПСО се празни уште две директорски места, она на правната служба и за информатичка технологија, а според Транспорт, и тие ќе бидат пополнети во брзо време.
Голем интерес предизвика и старо новиот предлог за финансов директор на МЕПСО, каде треба да дојде основачот на неделникот Капитал Љупчо Зиков. Тој за Телма изјави дека за ова е информиран и ја прифаќа поканата, но за да биде избран треба да поминат законските процедури. Пред околу две години беше предложен за истата позиција, но ја врати поканата, поради, како што објави, „многу пизма и зли мисли“ за него и семејството.
Тогаш имаше информации дека потписот на Зиков не помина во Централниот регистар, бидејќи фирмата му е во стечај, и затоа не можеше да биде поставен на функцијата. Но според сознанијата, од страна на Уставниот суд во декември минатата година, од Законот за трговски друштва бил избришан токму членот 295, кој ова го предвидуваше како услов. Затоа сега Зиков нема пречка да стане финансосв директор. Од Транспорт и врски сега велат дека предлогот не е спорен.
За прв човек на ЕЛЕМ пак Владата неодамна го именуваше Васко Ковачевски, досегашен директор на РЕК Битола, кој дојде на местото на досегашниот Драган Миновски. За директор на РЕК Битола, пак, е именуван Златко Ќурчиевски, досегашен директор за производство на компанијата.
А првиот човек на Енергетската заедница, пак, Копач, кој е во посета на земјава и ги пофали енергетските реформи, не ги коментира смените.
„Не можам да ги анализирам тие конкретни акции на Владата, бидејќи не знам што стои зад нив и не сум упатен во некои детали од работењето на тие претпријатија. Знам дека ЕЛЕМ почна темелно да го менува неговото работење, стана профитабилно претпријатие, и тука уште има големи потенцијали. МЕПСО се вклучи во имплементација на новиот енергетски закон, така да сите процеси, како што ги гледам, се позитивни“, вели Јанез Копач, директор на Секретеријатот на енергетската заедница.
Копач со пофалби и за либерализацијата на пазарот на струја, тој е најбрз во регионот, вели, а помина без потреси за населението. Сега дури 4000 фирми купуваат на слободниот пазар, се вклучиле и малите дуќани и рестораните, а трошоците им се намалени меѓу 27 до 33 отсто. Но струјата е скапа на регионалниот пазар, па бенефит уште немаат домаќинствата.
„Оваа година беше повисока од вообичаеното и снабдувалите не се заинтересинаи да им нудат на домаќинствата, кога ќе се созадат услови, снабдувачите први ќе им понудат на домаќинствата“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Во земјава има 9 активни снабдувачи на струја, најмногу во регионот.
Нина Нинеска Фиданоска