Шуклева ќе биде генерален, а Зиков повторно предложен за финансов директор на МЕПСО

По ЕЛЕМ, и државната МЕПСО ќе добие ново раководство. Ева Шуклева е предложена од Министертвото за транспорт и врски за нов генерален директор на државниот преносен оператор МЕПСО, дознава Телма. Таа досега беше претседател на Надзорниот одбор на компанијата, каде беше избрана во август 2017 година година. Родена е во 1971 година, магистер електроинжинер, со долгогодишно искуство во енергетскиот сектор. 

Основачот на неделникот Капитал и новинар Љупчо Зиков, пак, повторно е предложен од Владата за директор на финансии и комерција во државната МЕПСО. Тој за Телма изјави дека за ова е информиран и дека известил дека ја прифаќа поканата, но сепак треба да поминат законските процедури за да биде избран на оваа позиција, односно тоа треба да го потврди и Надзорниот одбор на компанијата, што ќе биде познато денеска или во текот на утрешниот ден.  

Пред околу две години тој исто така беше предложен за оваа позиција, но ја врати поканата, поради, како што објави, „многу пизма и зли мисли“ за него и неговото семејство. За него тогаш проструија и информации и дека не може да биде поставен на таа позиција, бидејќи имал затворено фирма, што не било навреме објавено, односно има административни пречки. Зиков вели дека тоа не биле точни информации, за што говори фактот дека сега повторно ја добива поканата.

Љупчо Зиков порано беше и претседател на партијата Алијанса за подобра Македонија, основана заедно со Минчо Јорданов и Владо Бучковски која на последните избори коалицираше со СДСМ.

За директор на ЕЛЕМ пак Владата неодамна го именуваше Васко Ковачевски, досегашен директор на РЕК Битола.  

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ