
Штрајк со глад во затворот „Идризово“
Затворската менза во затворот „Идризово„ денеска беше полупразна. Над 600 затвореници одбија да го земат ручекот и најавија дека ќе гладуваат се` додека и тие не бидат ослободени со Законот за амнестија што се подготвува за учесниците во настаните од 27-ми април. Со писмо ги известиле затворската управа и премиерот дека, доколку во следните два дена не добијат позитивен одговор од владата и работното тело за помирување, ќе продолжат со штрајкот, а нивните фамилии ќе организираат мирни протести пред Владата.
Директорот на затворот потврди дека денеска над 600 затвореници одбиле да земат храна при делењето на ручекот. Негов впечаток е дека дел од нив тоа го сториле под притисок од организаторите на штрајкот и засега не е загрижен затоа што затворениците имаат залихи на храна во ќелиите.
Премиерот исто така потврди дека го добил писмото, но нема да им излезе во пресрет на барањата.
Заев потенцираше дека, собраниското тело за помирување, треба да изработи закон за амнестија за 27-ми април, но од него ќе бидат изземени тие што учествувале директно во насилствата или биле организатори на настаните.
Телото за помирување и денеска се состана во Собранието, но за кратко време ја прекинаа работата поради потребата од дополнителни правни консултации.
Далиборка Демјанска Цветановска