
Што содржи законот за јазици
25 членови од законот ја регулираат употребата на јазиците. Покрај македонскиот, и албанскиот јазик станува службен јазик на целата територија. Двојазичноста ќе се применува во сите државни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања.
Албанскиот јазик ќе се применува во Собранието, Владата, Уставниот суд, народниот правобранител, во изборниот процес, образованието, здраството, културата, радиодифузната дејност, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата.
Македонскиот и албанскиот јазик ќе се применуваат во судските, извршните, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни, парнични и вонпарнични како и во другите постапки пред судовите и јавните обвинителства.
Доколку органите не ги почитуваат одредбите од законот ќе се соочат со глоба во износ од 4000 до 5000 евра, а службеното лице ќе плати 30% од одмерената казна.
Книжните и кованите пари како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот и албанскиот јазик.Истото важи и за уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите и бандеролите. Униформите на полицијата, пожарникарите и здраството ќе бидат двојазични во Скопје и во општините каде што живеат 20% Албанци.
Ова на ист начин ќе се применува и за име на улица, плоштад, мост, граничен премин, аеродроми и други инфраструктурни објекти. Двојазично ќе се водат и седниците на Државната изборна комисија како и стенограмите од седниците на владата и Собранието. Покрај на македоснки, интернет страниците на институциите треба да бидат и на албански јазик.
Законот ќе предизвика финансиски импликации и ќе го чини буџетот 106 милиони денари. Ќе се основа Агенција за примена на албанскиот јазик која ќе треба да се грижи за промоција и заштита на јазикот, а надзорот околу спроведувањето на законот ќе го врши Инспекторат за употреба на јазиците.
Јулијана Пешевска