
Што со „бомбите“ по трансферот на предметите на СЈО
Одлуката на Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да го уважи барањето на Јанева и да ги прифатите предметите на СЈО отвори многу прашања и дилеми околу натамошниот тек на судските постапки, истрагите и секако користењето на бомбите како докази. Се доведува во прашање и континуитетот во предметите а експертите сметаат дека постоти можност да се појави временски вакуум се додека не се реши статусот на СЈО и не се донесе Законот за јавно обвинителство.
За адвокатот Еленко Миланов, кој застапува обвинети во неколку процеси на СЈО, проблематично е самото превземање на предметите од СЈО во јавното обвинителство бидејќи нема овластено лице да го направи примпредавањето.
Веќе во вторник тој повторно ќе ги соочи аргументите во судница, но според него обвинителите на СЈО повеќе немаат овластувања поради одлуката на Јанева.
За клучното прашање, дали бомбите ќе може да се користат во натамошниот тек на процесите и истрагите, Миланов е дециден – бомбите беа наменети исклучиво за СЈО.
Уште еден сериозен проблем според Миланов се истрагите бидејќи тие се отворени по истекот на законскиот рок. За него единствен начин е тие да почнат од почеток по допрен глас или со поднесување кривична пријава
Според правните експерти, доколку на предметите бидат назначени нови обвинители повеќе од јасно е дека судските процеси ќе запрат бидејќи тие мора да направат увид во обемната документација кој сигурно би траел со недели ако не и месеци.
Премиерот Зоран Заев повторно кажа дека очекува Законот за јавно обвинителство да биде изгласан со двотретинско мнозинство и сите предмети на СЈО да добијат правна и правична разврска.
Обвинителките Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи денеска беа на централната прослава на денот на независноста, но изјави со нивен став околу судбината на СЈО и предметите најавија за вторник.
По „дилот“ меѓу Јанева и Јовески, во јавното обвинителство треба да пристигнат дваесетина судски процеси кои тие ќе треба да продолжат да ги водат и да се изборат за осудувачка пресуда, петанесетина истраги кои и стотина предистраги.
Огнен Чанчаревиќ