
Што се случува со имотот на екс обвинителката Катица Јанева?
Во обвинение безимотна, во катастар имотна. Што се случува со имотот на Катица Јанева додека е во притвор?
Телма се обиде да дојде до одговори на прашањето кое се отвори откако во обвинението поднесено во кривичниот суд Јанева се води дека е и без работа и без имот.
Обвинителката Вилма Русковска не открива дали воопшто се истражувал имотот на Јанева или таа самата се изјаснила дека нема ниту недвижности ниту подвижен имот. Адвокатите на Јанева пак обвинуваат дека ова е напишано за да и се наштети на Јанева.
“Катица Јанева има имот во Гевгелија и ние постојано во жалбите за притворот укажуваме на тоа. Но обвинителството сака да ја прикаже како безимотна за на тој начин да има уште една околност поради која би требало да остане во притвор. Во ова гледаме не фер постапување на обвинителството кон Катица” –изјави адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев.
Телма провери во катастарот. На име на Јанева во Гевгелија навистина има имотен лист, со број 3539. На улицата Гоце Делчев број 6 се наоѓа парцела од која дел е на Јанева, а на неа е и куќата која таа ја пријави и во анкетниот лист доставен до антикорупциската комисија.
Во него уште наведе дека има и земјиште во Мрзенци, плац во Конско и автомобил Ровер. Но ова се податоци од јуни годинава пред да биде осомничена за случајот Рекет.
Телма дознава дека откако е во притвор нејзиниот син се пријавил во антикорупциската и замолил тој во име на мајка си да го даде завршниот анкетен лист што е законска обврска за секој функционер.
Но од тогаш оваа обврска не ја исполнил. Нејзините адвокати убедуваат дека ќе пријави се што има но се чека нотар да влезе во затворот за документот кој ќе го потполни го завери.
Инаку Јанева како гаранција дека нема да бега од притвор даде три станови на своите деца, но не и куќата во Гевгелија.
Ова го сторила бидејки тој имот и е под хипотека. За гаранцијата пак се уште нема одлучувано кривичниот суд.
Од таму велат дека првин ќе треба свое мислење да даде обвинителството па судот да одлучи дали со гаранција ќе ја пушти екс специјалната обвинителка од притвор. Инаку таа е второосомничена во случајот Рекет, за парична награда од 50 илјади евра и една софа.
Билјана Николовска