Што се случи на Кајмакчалан ќе се знае по извештајот на планинарскиот клуб Трансверзалец

Телата на двајцата млади планинари кои вчера загина на Кајмакчалан се извлечени и во тек се истражни активности на грчките власти, потврдија од планинарската федерација на Македонија. На настраданите ќе им се изврши обдукција, по што посмртните останки ќе бидат предадени на семејствата во Македонија.

Според последните информации до кои дојде Телма, двајцата настрадани планинари заедно со групата на тешки услови стигнале на неколку стотици метри од црквата на врвот Кајмакчалан. Лошите услови се гледаат и од видеото постирано од планинари во нивната група.

Тогаш било одлучено групата да се врати, но двајцата млади планинари побарале дозвола и добиле да се качат до врвот и да ги стигнат назад на спуштање. Што потоа се случило, не е познато.

Има и други верзии- дека двајцата настрадани се вратиле по жена и ќерка кои наводно залутале, но потоа се вратиле во кампот. Што се случило, ќе се знае откако планинарскиот клуб Трансверзалец ќе направи извештај за акцијата за искачување на Кајмакчалан. Тогаш ќе го разгледува и федерацијата на планинарски спортови, а до петок ќе има и заклучоци.

Кајмакчалан важи за питома планина, која често има лоши услови за искачување, силен ветер и ниски температури, па мора да се прекинуваат искачувањата, објаснуваат искусните планинари.

Двајцата млади македонски планинари настрадаа на 26 годишна и 35 годишна возраст.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ