Што очекуваат жителите на Мала Преспа каде ќе се потпишува македонско-грчкиот договор?

Пат долг стотина километри води од Битола преку Лерин до грчка Мала Преспа, каде се највува дека в недела ќе се потпише договорот меѓу Македонија и Грција за решавање на долгогодишниот спор за името. Претпладнево мештаните од селата во овој регион минуваа мирно секојдневие, извршувајќи ги вообичаените работи. Велат слушнале дека в недела ќе имаат високи гости. Во селото Нивици или на грчки Псаридис, кое се споменува како можна локација на потпишување на договорот, немаше  голема раздвиженост, слаба беше посетеноста и од туристи. Но, се забележуваше присуството на војската и полицијата, кои очегледно прават безбедносни подготовки пред настанот. Иако жителите беа расположени за разговор, сепак полицијата не дозволи снимање.

Медиумите објавуваат дека во Преспа, покрај премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас и шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас, ќе присуствуваат и медијаторот од ОН, Метју Нимиц и првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг. На потпишувањето на историскиот договор  се очекува да бидат присутни и првиот човек на ОН, Антонио Гутереш и шефицата на европската надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.  Најверојатно, процедурата  на потпишување на договорот ќе се заокружи на македонска територија во Отешево, по што ќе следи заеднички ручек.

Очекувањата на жителите во Мала Преспа со кои разговаравме, се големи. Се надеваат дека ќе завршат политичките тензии меѓу двете држави, но исто така веруваат на меѓусебна соработка меѓу  луѓето од двете страни на Преспанското езерто, како  и отворање на граничниот премин Маркова нога,  што се најавува повеќе децении. Тоа велат ќе ја олесни меѓусебната комуникација.

ЕМИЛИЈА МИСИРЛИЕВСКА

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ