Што е причината за нересќата?

Во длабок снег и на косина под Солунска глава се вршеше увид на местото на авионската несреќа во која загина 4-членото семејство Бошнаков од Бугарија. Видеото го објави МВР, траеше само 8 секунди. Увидот е извршен уште утрово, истрагата ја водат двајца обвинители. Од комитетот за истражување воздухопловни несреќи и инциденти велат дека зеле се што им е потребно за утврдување на причините за трагичниот пад. Во истрагата ќе бидат разгледани и преслушани и снимките од контролата на летање, кои веќе ги објавија бугарските медиуми и во кои се слуша гласот на пилотот и контролорот.

Од истрагата не можеа да објаснат како разговорите се протечени во јавноста и дали се веродостојни, но оценија дека станува збор за сериозен прекршок на строгите правила за истражување на авионски несреќи. Авионот од типот Цесна се губи од радарот вчера во 16:16 часот. Пилотот првин летал од Охрид за Софија, поради лошо време било побарано да продолжат кон Скопје, но потоа пак се премислил и се вратил на патека кон Софија. Претпоставките се дека ги менувал плановите поради лошото време. Со цесната управувал бугарскиот бизнисмен Георги Бошнаков. Патувал со семејството. Сите се пронајдени во остатоците од цесната. Нивните тела се пренесени на обдукција, а надлежните преку МВР изразија сочувство до роднините на загинатите. Остатоците остануваат под Солунска Глава бидејќи во моментот нема можност да се пренесат, иако од МВР велат дека и тоа може да се реализира.

Цесната била во сопственост на пилотот Бошнаков и регистрирана во Германија. Тој летал визуелно, по ВФР, а немало вградени инструменти во авионот кој главно се користи како школски. Истрагата сега треба да утврди дали ниските температури му ги смрзнале крилата, вели поранешниот пилот Кирил Каевски.

Во несреќата загина пилотот Бошнаков кој во Бугарија имал погон за рециклирање на отпад, неговата сопруга Калина Корнажева, адвокатка и ќерка на поранешен бугарски министер за правда и пратеник и нивните две ќерки Гергана и Билјана.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ