Македонија Штитеничка на Домот за деца со социјални проблеми цел на полов напад
Четиринаесетгодишно девојче штитеничка на Домот за деца со социјални проблеми е пресретнато и врз него се извршени полови дејствија, во струшко.
Синоќа пред полноќ девојчето само го пријавило случајот во полиција.
Нападната е околу 4 часот попладне, надвор од одморалиштето 25-ти мај во Струга каде летувало заедно со група деца.
„Девојчето било на плажа и потоа заминало кон излезот од Струга. Таму била пресретната од непознато лице со непознато возило, кое се понудило да ја превезе. По кратко време лицето застанало во близина на село Калишта и го сторил делото, по што ја вратил во одморалиштето“, велат од МВР.
Ова е само уште еден од низата случаи кои се поврзуваат со деца штитеници на домот 25 мај. Институциите се уште немаат одговор – зошто полицијата добива пријави за најмалку пет бегства месечно и чија е одговорноста за бројните случаи со силување на малолетници.
„Министерството за труд и социјална политика е во постојана комуникација со МВР и до овој момент нема потврда дека се работи за силување. Установата веќе ја обезбеди потребната стручна помош и заштита на девојчето и постапува согласно процедурите“, велат од МВР.
Истрагата на полицијата треба да покаже, зошто девојчето од плажата се упатило кон излезот на Струга, каде одело и како завршило во автомобилот на непознатото лице.
Петар Догов



