
Шилегов: Наскоро нов, модерен плочник пред ГТЦ со 20-тина нови дрвја
Викендов екипи на Град Скопје почнаа градежни активности на влезот на Градскиот плоштад, каде ќе има нов, модерен плочник со 20-тина нови дрвја. Ќе вратиме дел од зеленилото што го загубивме во ДУП „Мал ринг“. Ова на денешната прес-конференција го соопшти градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
– Ова е еден од најзапуштетните простори во централното градско подрачје, а во наредниот период ќе се одвиваат градежни активности што ќе значат целосно осовременување и целосен нов лик на овој простор. Тука е и местото каде што е родена Мајка Тереза која во 80-тите години го засадила дрвото во малото паркче, место што претходно беше продадено за да се изградат шпанските скали. Овде ќе ја покажеме различноста, со нов и модерен јавен простор што граѓаните го заслужуваат, изјави Шилегов.
Пред ГТЦ, освен плочки од три вида, на површина од речиси 5.000 квадратни метри дополнително ќе бидат засадени 22 костени, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидност, а ќе биде поставена и соодветна урбана опрема со клупи, корпи за отпадоци, осветлување и заштитни столбови.
Заедно со зелениот покрив на Градскиот трговски центар, местото ќе претставуваат една целина во која скопјани ќе можат да ужуваат.
За реализацијата на овој проект од градскиот Буџет ќе се потрошат околу 33,2 милиони денари со вклучен ДДВ. Се очекува проектот да биде завршен до 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.