Шилегов ќе ја затвори Гинекологија во Чаир додека оттаму чекаат државата да им ги тргне старите котли

Шилегов се закани дека ќе ја затвори Гинекологија Чаир ако продолжат да го загадуваат воздухот преку своите оџаци. Од болницата каде годишно се раѓаат околу 4000 бебиња се правдаат дека се погрешна мета на обвинувања бидејќи не се тие криви што мораат да се греат на мазут. Деновиве на фејсбук се појави видео од еко-активисти, кои снимиле црн чад како излегува од оџаците веднаш штом ги запалат котлите наутро.

Градоначалникот на Скопје даде месец дена за да го изменат начинот на греење во болницата. Шилегов разговарал со директорот на болницата, а денес повторно испратил инспектор да му затропа на врата.

„Инспекторатот досега двапати има интервенирано во гинеколошката болница Чаир. Денеска таму повторно е упатен инспекторот како последна опомена до болницата меѓутоа и до Министерството за здравство, за да си го променат котелот. Ако не постапат на тој начин болницата ќе биде затворена од страна на Градот. Не сакаме да предизвикаме некаква криза меѓутоа мора конечно секој да си одговори на сопствените обврски. Имаме дадено известување до директорот на болницата. После денешната инспекција откако ќе ги добиеме резултатите ќе го упатиме дописот и до министерот за здравство“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

Од гинекологија Чаир ни ги покажаа документите коишто ги собираат во фиока. Велат повеќе пати се обратиле поединечно и до Град Скопје и до Министерството за животна средина. За тоа колку го загадуваат воздухот бил запознаен и претходниот министер за здравство Таравари. Болничките служби дале и свој проект за изменување на начинот на греење помеѓу болничките ѕидови. Надлежните се добро запознаени со состојбата, но време е да дејствуваат – ни велат оттаму.

„Направен е иницијален проект. Тој е аплициран до Град Скопје и до Министерството за животна средина. Во болница во која има повеќе од 4200 раѓања не можете да замислите денот да го почнете и да го завршите без топла вода. Годишно има 4000 бебиња новороденчиња и 4000 мајки за кои е повеќе од неопходна топлата вода“ кажа Илир Шурлани, гинеколог акушер специјалист во „Мајка Тереза“ – Чаир.

Црниот чад кој го снимија активисти и го објавија на фејсбук, се појавува секој ден и трае неколку минути. Од Гинекологија ни кажаа дека котлите не се исчистени и се дотраени, а секое утро ги палат за болницата да пружи основни човечки потреби – греење и топла вода. Навечер ги гасат и ги оставаат два часа да се стабилизираат, а потоа повторно ги активираат.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ