Шилегов и моторџиите се договорија повторно да се сретнат

Го пречекаа со свирежи, но по средбата Шилегов и моторџиите се договорија повторно да седнат и да ги разгледаат сите можности за надминување на актуелниот проблем во врска со предлогот за обележување и  наплаќање на паркинг простор за мотоцикли и мопеди.   Моторџиите со цврст став дека доколку се донесе одлука за наплаќање на паркинг простор тие  ќе ги блокираат крстосниците во градот. Шилегов пак не ја повлече идејата да се регулира паркирањето и да им се наплаќа на моторџиите 5 до 7 денари од час за паркирање.

„Мислам дека сума во износ од пет до седум денари на саат не е многу  тоа е моето мислење, ако мислите дека пет до седум денари е скапо… Бидејќи вие не правите место колку кола не можеме да правиме исти трошок и за вас наплата“, рече градоначалникот Шилегов.

За моторџиите пак ваквиот став на Шилегов е дискутабелен не само поради сумата за паркинг, туку пред се поради фактот дека ваква практика на наплаќање на паркинк за мотоцикли и мопеди не може да се сретне во европските градови и тоа може се провери.

„Значи ако тие продолжат со било какви муабети да кажеме, со било какви одлуки за паркирање и плаќање еве јас кажувам и сите ние дека цел град ќе го блокираме е тек тогаш ќе видиме колку сме регистрирани“, вели Владимир Тунтев од мото клубот „Вепар“.

„Самата мотоциклистичка идеологија и моторот воопшто како синоним за слобода е тотално оксиморонски да се наплаќа паркинг и ние не го прифаќаме тоа. Јас со самото тоа што сум одбрал мотоцикл сум одбрал да бидам слободен“, вели Боби Иванов од мото клубот „Вардар“.

Мото клубовите во Скопје се категорични и едногласни против предлогот на Шилегов за обележување и наплаќање на паркинг местата во Скопје. Тие сметаат дека и до сега ги почитувале пишаните и непишаните правила за паркирање имајќи предвид дека никогаш не се паркирале на тревни површини, не се паркираат на патеките за пешаците и велосипедистите. Сметаат дека во дадениот момент Скопје има многу поважен проблем за решавање.

Застарена сигнализација, голем број дупки по улиците и прекумерна брзина по скопските сообраќјници се опасни по безбедноста на моторџиите и тоа се клучните проблеми кои треба се решат, му порачаа моторџиите на Шилегов на денешната средба.

„Пред се хоризонталната сигнализација да ја смените, ние возиме со ризик, возиме на улици каде бојата е со лак, а не онаква каква што треба да биде. Значи покажете го вашето чувство за нашата безбедност, па потоа можеме ние да дебатираме“, вели Ванчо Насков од мото клубот „Вепар“.

Веднаш по денешната средба градоначалникот Шилегов и претставници на скопските мото клубови најавија средба за утре на која ќе ги прецизираат своите ставови и можни решенија за надминување на актуелниот проблем  со кој се соочуваат.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ