Шестмина повредени од автобусот се во критична состојба, а четворица се уште дишат на апарати

Шест пациенти се во критична состојба во скопските болници. Докторите цело време следат каква е нивната здравствена состојба за да можат да одлучат како ќе ги лекуваат понатаму. Во Градската општа болница „8-ми септември“ моментално има 18 повредени патници од автобусот кој излета од патот кај село Ласкарци.

„Од нив три се на одделот за хируршко интензивно лекување. Сите други 15 се на одделот за траума и некои се на одделот за абдоменална хирургија“ кажа Христијан Костов, директор на Градска општа болница „8-ми септември“.

Меѓу критичните е и 15 годишното момче со тешки повреди. Тој ќе биде добро – уверува директорот на болницата, Костов. Останатите критични се лекуваат на Интензивна, под будното око на болничкиот персонал каде ги следат и најситните промени во нивното здравје.

„Едниот е во добра состојба, тоа е 15 годишното момче коешто е сосема добро, стабилно и веројатно за некој ќе ден ќе биде префрлен на одделите за абдоменална хирургија. Другите двајца се оние пациенти коишто од самиот почеток беа на механичка вентилација со приоритетната неуротраума. Едниот од нив дава знаци за будење, а тоа значи дека му се подобрува состојбата“ кажа Христијан Костов, директор на Градска општа болница „8-ми септември“.

Денес никој од пациентите кои веќе се истретирани и се во стабилна состојба, не е пуштен да им се врати на најблиските и да се негува дома.

„Од менаџментот на болницата најавуваат дека дел од оние коишто биле полесно повредени – четири или пет на број, имале скршеници коишто биле истретирани во болничките простории, утре ќе бидат пуштени на домашно лекување.“

На Клинички има уште тројца кои се во тешка и критична состојба, потврдија од Министерството за здравство. Меѓу нив е и 19 годишната девојка за која докторите одлучија дека е неминовно да и ја ампутираат ногата.

„На КАРИЛ се хоспитализирани тројца пациенти во тешка здравствена состојба, а од нив двајца се приклучени на машина за дишење. На Неврологија има еден пациент и е во стабилна состојба“ соопштија од Министерството за здравство.

Од Клиника двајца пациенти денес ги пуштиле да си одат дома. Биле во стабилна состојба, а ги третирале на Торакална и на Гинекологија.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ