
Шест нови случаи на корона вирус, клуч за сите кафетерии
Вкупно 18 заболени од корона вирус во Македонија, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на попладневната прес конференција.
Тестирани се 12 лица денеска, од кои шест се позитивни. Една пациентка синоќа пристигнала со авион на Виз ер од Барселона, но била свесна дека нешто не е во ред и патвала со маска, а потоа сама се пријавила на аеродромот, по што веднаш била изолирана и однесена на Инфективната клиника, каде е земен материјал. На 51 патник во авионот им е дадена препорака з адомашна самоизолација. Но, истите се со многу мал ризик да се заболат, бидејќи пациентката свесно била со маска во авионот.
На инфективна во моментов се лекуваат 13, а останатите пет новодијагностицирани ќе се лечат во Дебарската болница, бидејќи се со лесни симптоми кои наликуваат на настинка.
Во однос на мерките кои ќе се преземат: се затвораат сите копнени гранични премини, освен Богородица, Ќафасан, Табановце и Блаце. Се затвора аеродромот во Охрид. Забрана за влез за странски државјани од земјите со среден ризик, според листата на СЗО.
Сите продавници во моловите да се затворат, освен маркетите и аптеките.
Целосен клуч за кафетерии, обложувалници, барови, клубови и казина.
Респиратори има доволно, рече миистерот Филипче, има и на другите клиники, но засега не се потребни. Здравствената состојба на поранешната директорка на Кожната клиника, е таква за што нема потреба од респиратор, одговори Филипче на новинарско прашање.