
Шесте часа пауза од карантинскиот продолжен викенд се искористија за верските обреди
Празниците Рамазан Бајрам и Св. Кирил и Методија ја ставија државата во нов продолжен карантински викенд. Од синоќа во 19.00 часот до вторник во 05.00 изутрина забраната за движење и собирање сепак доби пауза од шест часа за да можат да се извршат верските обреди и за двата празника. Слободните шест часа иако не ги укинаа мерките за заштита, како негрупирањето и носење масака, во верските храмови речиси и да не се почитуваа. По велигденската лажичка денеска за Св. Кирил и Методиј се бакнуваше крстот, во џамиите се влегуваше и без маска, а забележавме и фрлени заштитни ракавици.
Она што верските заедници денеска од мерките го испочитуваа е полицискиот час кој стапи на сила во 11.00 часот.
И додека утрово во Соборниот храм се одржуваше литургија во чест на сесловенските браќа Св. Кирил и Методиј, во камупост на УКИМ одбележувањето на нивната просветителска дејност се одржа пред два дена. Но по два откако беа ставени на нивниот споменик, венците и икебаните беа уништени.
Обиколката на градот ја продолживем по скопските булевари, но и по парковите кои скопјани ги полнат секој друг ден. Зјаеја пусти. Пуст беше и еден од најфреквентните булевари во Скопје – булеварот Србија.
Мирот во градот повремено го нарушуваше бучава на по некој автомобил, кои ревносно беа регистрирани на полициските пунктови.
Но сликата во Скопје не беше насекаде иста. Делови од градот беа живи и со луѓе по улици. Отворени продавници, деца по улици и паркови, раздвижено и безгрижено, Скопје Север, Чаир, Топаана, денеска ја живеја својата паралелна реалност која не ја променија ниту полициските патроли, ниту полицискиот час.
Тамара Грнчароска