
Шефот на националната безбедност преку МИА одговори на сомнежите за вработени агенти со кривични и со партиски досиеја
Како се вработени агентите од УБК во новата Агенција за национална безбедност стојат во документите на комисијата за селекција, но сите тие документи се строго доверливи. Поради тоа засега јавноста нема да има пристап до изборот на кандидатите кои се вработени во АНБ, освен уверувањето на директорот на агенцијата Виктор Димовски, дадено преку интервју за МИА. Димовски вели дека списокот на кандидати е утврден и дека комисијата за селекција одржала 39 состаноци.
Нема да дозволиме, во Агенцијата да работат евентуално луѓе кои имаат конфликт на интереси, да има припадници кои не ги исполнуваат општите и посебните услови. Водевме сметка за законската обврска за правична застапеност, но и строго ги почитувале одредбите од членот 67 од Законот за кандидатите за вработување или на оние кои работеле во поранешната УБК со евентуално двојно државјанство.
вели Димовски
Според Димовски ветингот ќе продолжи и доколку се открие незаконитост на било кој од вработените тој ќе биде санкциониран или отпуштен.
Селекцијата на вработени според законот требаше да заврши до 20-ти август, но таа се одвиваше и во текот на оваа недела, односно се вршела повторена проверка на кандидати кои биле сомнителни и паднале на првата нивна селекција.
Во интервјуто на Димовски нема никакви одговори дали селекцијата за агенти ја поминале и вработени во УБК познати по партиски активности или со кривични пријави. Досега нема реакција ниту од опозицијата чиј пратеник Трајче Димков заедно со Јован Митровски од СДСМ има статус на набљудувач на процесот на избор на вработени во АНБ.
Телма вчера објави дека еден до скоро вработен во УБК бил пречкртан од списокот по барање на член на комисијата за селекција, а меѓу оние кои не успеале да обезбедат карта во новата агенција има и вработени кои во УБК работеле и над две децении.
Директорот Димовски тврди дека определба на раководството е да имаат нов пристап, целосна отвореност кон јавноста, целосно транспарентни во однос на надлежните собраниски комисии, а отвореноста ја обзнани преку интервју за државната новинска агенција.
Миомир Серафиновиќ