
Шеесетмина на државна сметка во карантин, тие што ќе пројават симптоми веднаш ќе бидат префрлени на Инфективна
Ги поставија маските, капите и ракавиците и влегоа внатре каде што други не смеат да влезат. Две жени од тимот на Систина денес првпат извршија достава на оброци за лицата кои се во изолација во „Ибис Стајл“ хотелот во Скопје. На влезот во зградата ги чекаа три кутии. Во две од нив сендвичи за изолираните, а во едната јогурт. Храна доволна за десетици лица внатре кои ако не пројават симптоми на коронавирус – следните две недели ќе ги поминат таму каде што се сега.
Од синоќа таму се сместени 59 лица кои во земјава влегле на Деве Баир и од Косово. Лицата со симптоми на Ковид 19 ќе бидат пренесувани со асистенција на Министерството за здравство во Инфективната клиника, велат од болницата.
Освен „Ибис Стајл“ на располагање е и хотелот „Ибис Центар“ информираат од Систина. Станува збор за вкупно 214 кревети каде што можат да бидат примени лицата кои државата ги става во карантин за да се спречи ширењето на вирусот. Од државниот буџет се финансираат и трите оброци – 600 денари по лице.
Внатре циркулираат и 16 вработени коишто доаѓаат во различни смени на работа, а шестмина полицајци го обезбедуваат карантинот.
Луѓето коишто се во изолација влегле во земјава на граничниот премин Деве Баир со Бугарија, а дел се дојдени и од Косово. Четири лица кои вчера вечерта имале покачена темепература на проверките, веднаш беа испратени на Инфективна.
Петар Догов