
Шар Планина до крајот на 2019-та ќе стане национален парк
До крајот на 2019 година Шар Планина ќе биде прогласена за национален парк, најави Министерот за животна средина Садула Дураки, Тој е уверен дека ќе се завршат сите постапки, со цел ова подрачје за заштитено да го прогласи собранието, што е еден од условите за влез во Европската Унија, која бара 12 од територијата на државата, да биде во рамки на националните паркови.
Пред да биде прогласена за национален парк, треба да се доработи студијата за валоризација на природните вредности на Шара, но и да се направи социоекономско истражување, посочија од Македонското еколошко друштво, кое заедно со неколку организации и институции се вклучени во постапката за заштита на оваа планинска област.
Постапката за прогласување на Шара за национален парк трае десет години. Невладините се надеваат дека најавата на министерот Дураки ќе се оствари. Како што рекоа секое пролонгирање на овој процес е на штета на планината, каде поради немањето контрола царува пред се дрвокрадството, кое најчесто завршува со ерозии како во 2015 година кога имаше и човечки жртви.
Доколку Шар Планина се прогласи за Национален парк, Македонија би добила 4 заштитени подрачје, кои би сочинувале 12 % од нејзината вкупна територија. Шарпланинското подрачје од косовската страна за заштитено е прогласено пред 3 децении.
Зоран Димовски