Шанса за сите – буџетски пари за фирмите да преквалификуваат невработени

Владата ќе им дава буџетски пари на компаниите за тие кај себе да ги обучат и квалификуваат невработените во период од околу половина година, а фирмите, пак, ќе треба да гарантираат дека доколку тие лица се покажале како добар кадар и ги задоволиле нивните критериуми, ќе ги задржат кај себе на работа и во наредниот период. Владата и бизнисот денеска на заедничка маса кроеја итни мерки кои ќе се применуваат од идната година, а треба да решат два акутни проблеми – од една страна големиот недостиг од соодветен кадар што во последниов период се повеќе го мачи стопанството, а од друга страна се уште високата невработеност во земјава, од над 21 пропцент. Ќе помагаат и општините, да дадат ажурирани списоци со луѓето што активно бараат работа, но и со испразнети работни места на фирмите на кои итно им требаат работници.

„Секој оној што денес е невработен, а сака да се вработи, да добие шанса во еден процес од 6 месеци во кој ќе му биде платена неговата едукација во фабриките и компаниите, а тоа нема да падне на товар на компаниите, туку на буџетот, да има предвидливост дека на крајот од тој шестмесечен процес ќе биде вработен, така ќе го решиме акутниот проблем“, вели вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Шанса за сите, така се нарекува новата мерка на Владата за преквалификација на невработените во согласност со потребите на стопанството.

„Очекуваме на крајот да излеземе со мерки кои ќе бидат дизајнирани според потребите на бизнис секторот, а притоа Владата да си земе обврска да финансира дел од прилагодувањето на младите и оние што се невработени, за нивно преквалификување, доквалификување, за да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и да може бизнисот полесно да ги апсорбира“, вели министерката за труд и социјала Мила Царовска.

Со помош на германски експерти се работи и на концептот на дуално образование, но тој ќе даде резултати дури после неколку години.

Бизнисот бара итно решение на проблемите, мерките да бидат што побргу.

„Со влезот на странските инвестиции во зоните и надвор од нив, тие повлекоа дополнителен кадар, па оние луѓе кои се без додатни квалификации, не можат да бидат апсорбирани“, вели Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија.

„Многу професионалци ја напуштија државата, ние дури и размислуваме да увезуваме работна сила од други држави“, вели Неби Хоџа, претседател на СКСЗМ.

„Треба да бидеме храбри и концептот на субвенционирање да се насочи и кон олеснување на даночната политика“.

УНДП ќе помага, на располагање за обуки има и европски пари.

„Друг апсурд е што дури и за повеќе пари во приватниот сектор, младите сакаат да работат во јавниот, илузија дека таму има поголема сигурнсот и помалку работа“, вели Луиза Винтон од УНДП.

Бизнисот со забелешки за Агенцијата за вработрување, велат, сложени бирократски процедури го прават многу тешко нејзиното посредување, па се принудени ранотници да бараат на неформални сајтови. Од таму ветување дека пречките ќе се надминат.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ