„Шамари во центар“ и Тврдина 2 се дел од 50-тина предмети кои добиле подобни судии по налог на Панчевски

Два предмети на СЈО, 41 на обвинителството за организиран криминал и корупција и уште шест на останатите обвинителства не биле распределени по АКМИС системот туку по наредба на Владимир Панчевски кај судии во кривичниот суд. За злоупотреба на службената положба е поднесено обвинение против екс претседателот на најголемиот суд во земјава. Телма дознава дека предметите на СЈО, за кои е осомничен Панчевски дека се дадени кај подобни судии, се шамарите во Центар и Тврдина два. Првично нив ги добија судијките Лидија Петрова која на јавноста и стана позната преку прислушкуваните разговори како сваровски судија, и на Татјана Михајловска која на кусо го замени Панчевски по неговото заминување од функцијата. Според обвинителството Панчевски со умисла местел предмети кај судии од почетокот на 2013 година па се до септември 2016 година.

Со ставање на писмен „параф“ и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. Со ваквите дејствија, обвинетото лице на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси, , велат од Основно јавно обвинителство – Скопје.

Обвинението доаѓа откако Комисија од министерството за правда направи увид во судот и во работатата на АКМИСОТ и во извештајот утврди неправилности. По ова и двајца обвинители три недели вршеле увид во судската документација. Испитани  се и 19 сведоци вработени во кривичниот суд, Апелациониот суд Скопје, Врховниот суд и Министерството за правда, а како доказ е направено и вештачење од доктор на технички науки. Комисијата од правда уште се сомневаше и во работата на АКМИСОТ во Врховниот суд на чие чело се уште е председателот Јово Ванѓеловски но за сега од обвинителството топката ја префрлаат во Судскиот совет.

Судскиот совет на Република Северна Македонија доколку во рамките на своите надлежности најде пропусти за други претседатели на судовите или судии може да поведе постапка за нив, согласно законските одредби, велат од Основно јавно обвинителство – Скопје.

Инаку во работењето на Владимир Панчевски се посомнева и СЈО па по неговото заминување од функцијата направи претрес во неговиот дом, но епилог од оваа предистрага за сега нема. Во меѓувреме поради новите распореди во судот предметите шамари и Тврдина добија нови судии, но не се знае што се случило со оние на организиран криминал. Пред неколку месеци и антикорупциската отвори предмет за Панчевски но за вработувањето на близок член од фамилијата во кривичниот суд. Тој се уште е судија во истот суд и работи на прекршочни предмети.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ