
Сензорна соба за децата со пречки во развојот
Четириесет деца со пречки во развојот кои учат во девет паралеки во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола добија сензорна соба. Станува збор за еден вид современа рехабилитација, односно простор за поттикнување на психо-моторониот развој на овие деца, каде се намалува или засилува стимулацијата на одредени сетила во зависност од дијагнозата.
-Се прават тестови индивидуално за секое дете, во зависност од тоа дали е хипо или хиперсезнитивно за некое сетило, се прави индивидуален план и по тој план работиме со секое дете посебно. Изработена е програма по која ќе работиме во текот на учебната година, рече Александра Божиновска, дефектолог во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“-Битола.
Сензорната соба е опремена по европски стандарди и е донација од 30 илјади евра на Марија Росенгрен , битолчанка која живее и работи во Шведска.
-Нашиот проект не завршува тука, продолжуваме по натаму. Веќе вклучивме стручно лице, кое 18 години работи во Шведска со деца кои имаат пречки во развојот. Тој ќе го обучи наставниот кадар и ќе ги пренесе искуствата кои веќе се применуваат во Европа, изјави Марија Росенгрен, донатор.
Освен учениците од специјалните паралелки во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, сензорната соба ќе можат да ја користат и други деца со пречки во развојот кои имаат потреба од овие третмани.
Емилија Мисирлиевска