Семејството на првата почината од Куманово се уште не е тестирано

Денеска никој од здравствените власти не дошол во куќата на починатата кумановка за да им земат брисеви за тестирање од корона вирус и да им ги кажат мерките за изолација. 57-годишната жена завчера почина, а корона вирус и бил посмртно дијагностициран иако претходните два теста биле негативни.

Кога министерот Филипче им се јавил во кумановската болница вчера да им каже дека починатата била заразена сите во болницата биле шокирани. Подоцна пред погребот истата информација им е пренесена и на членовите на семејството, иако им е даден документ дека е почината од застој на срцето. Објаснувањата на надлежните се дека срцето е причината за смртта поради тоа што немало можност белите дробови да внесуваат воздух, а сето тоа било предизвикано од корона вирусот.

По погребот на сопругот на починатата му се слошило и кога барале итна помош им кажале дека во моментот не може да пратат возило на таа адреса, а после дошла докторка од епидемиолошко да им помогне, сведочеа во телефонски разговор за Телма, роднините на починатата. Сопругот имал висок притисок и лекарката му дала таблети за смирување.

Роднините прашувале и кога ќе бидат тестирани и како треба да се однесуваат. Кога разговаравме со нив тие ни кажаа дека денеска не дошол никој и тие се дома со ракавици и чистат постојано.

Покрај мистеријата со негативните тестови, се уште не е откриено ниту како се заразиле починатата мајка и нејзиниот син кој прво е префрлен на скопска пулмологија, а потоа на Инфективната клиника. -Разговараме со експерти, консултиравме литература никаде тестовите не се 100 посто сензитивни и тоа е докажано, изјави вчера на 22-ри март министерот за здравство Венко Филипче.

Во сите епидемиолошки анкети заболените изјавиле дека немале контакт со лице за кое е утврдено дека е заразено ниту дека патувале во странство. Во една од анкетите, синот спомнал дека пред извесен период поодамна имал средба со пријател кој дошол од Португалија. Но досега не е утврдено како се заболени.

-Интензивно и денеска работат епидемиолозите и веќе се идентификувани контакти и тој процес го продолжуваме денеска, а ако треба и во текот на утрешниот ден, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Директорката на кумановската болница Снежана Захариева ни изјави дека брисевите од двајцата пациенти биле земани од искусни лекари со над 30 години стаж, какви што се впрочем сите на инфективното одделение. Поради протоколите не можеле да биде пратена во Скопје затоа што била негативна на тестовите.

-Нема правило кога се појавува влошување на ситуацијата, посебно за ваква сериозна клиничка форма, во форма на атипична пневмонија, која е всушност типична за предизвикувачот-корона вирусот. Вчера разговаравме со колегите од кумановската болница. Според она што го кажаа сметам дека се е преземено, изјави министерот Венко Филипче.

Прашања на Телма до Филипче: Дали е определена самоизолација за семејството на починатата кумановка и дали ќе им се врши тестирање. Како итната помош од која вчера по погребот барале помош треба да се однесува со нив? Има ли протокол за погреб на починатите од корона?

-Некои посебни протоколи во други земји за погребот нема, освен за целосно затворање на починатиот, одговори министерот.

Директорката на кумановската болница Захариева советува дека роднините не смеат сега да шетаат туку најдобро е да останат во самоизолација и дека контролата е во надлежност на МВР. Захариева ни рече дека по барање на институтот за јавно здравје е обезбедена посебна издвоена просторија без пациенти во која веќе денеска се земале брисеви за тестирање по упати од матичен лекар.

Во Куманово денеска е потврдена уште една заболена од корона вирус. Станува збор за жена која имала патување во странство поврзано со набавка на кожа за чевларска фабрика.

Демант: По објавувањето на информацијата преку ФБ страната на Телма реагираше жена која се претстави дека е заболената од Куманово. Таа негира дека била на патување во Италија.

-Според Вас сум сопственик на чевларска фирма и имам одено во Италија по набавка на кожа. ИНСИСТИРАМ ЈАВНО ДА ДЕМАНТИРАТЕ ДЕКА СУМ БИЛА ВО ИТАЛИЈА ИЛИ БИЛО КАДЕ НАДВОР ОД ДРЖАВАТА ЗА КОЕ ИМАМ ПОТВРДА ОД МВР!!! ГО ИЗЛОЖУВАТЕ МОЕТО СЕМЕЈСТВО И МОИТЕ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА НА ЛИНЧ СО ВАШИТЕ ДЕЗИНФОРМАЦИИ. ИМАТЕ ДВА ЧАСА ЗА ДЕМАНТ, ВО СПРОТИВНО ПОДНЕСУВАМ ТУЖБА ЗА КОЈА ВЕЌЕ СЕ КОНСУЛТИРАВ СО АДВОКАТ, стои во обраќањето до Телма преку ФБ, профилот на телевизијата.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ