Семејството на починатата кумановка: Никогаш не била во странство, никој не ни кажа дека почина од корона туку од „кардиак арест“

Кумановката Гордана Димковска добила два негативни теста за корона вирус, а откако почина стана првата жртва во земјава.

Од нејзиното семејство за Телма пак реагираат на информациите кои беа објавени од министерството и тврдат дека сите тестови кои и биле правени на 57-годишната кумановка биле негативни на корона вирусот.

Бевме вчера после 9 на посета, пред прозорец во кумановското инфективно одделение и зборувавме со неа и со синот. Таму вообичаено немаа посети. Ни се жалеа дека не добиваат ништо од лекарите. Тогаш во еден момент и се слоши, синот кој беше постојано со неа се обидуваше да и помогне и да ја реанимира. Тогаш дојдоа лекари на испомош, откако синот викаше. Кога стигнавме до вратата, никој не излезе да ни каже ништо. Помина чистачката и кога разбра дека сме за неа, ни кажа „бог да ја прости – изјавија за Телма роднините на починатата, велат роднините на починатата.

Синот по смртта на својата мајка, првин е префрлен на скопска пулмологија но откако беше објавено дека станува збор за случај со корона тој е префрлен на скопската инфективна клиника.

Роднините барале и мајката претходно да биде однесена во Скопје, но кумановските лекари им кажале дека бидејќи тестовите им се негативни на корона и поради тоа не може да ги префрлат во инфективната клиника во Скопје.

И во документот кој им е издаден како потврда за смрт стои дека е причината за смрт е Cardiac arrest. Семејството дознало за корона за време на погребот денеска кога полиција дошла и им кажала со назнака дека погребот треба и да се одложи.

Но после два часа им било дозволена да ја погребаат починатата. Не е извршена ниту обдукција по барање на семејството. Телото било во капела преку ноќ, а претходно во мртовечница во болницата и во тој период и е земен примерок за ново тестирање кое било позитивно на корона. Досега не се тестирани ниту роднините. На вечерашната прес конференција, министерот за здравство Филипче соопшти дека 57-годишна жена во два наврати била тестирана но резултатите биле негативни.

-Жената која почина од Ковид 19 за првпат на преглед се јавила на 16 март, имала температура без кашлица и негирала дека патувала во странство, по што и била дадена терапија. Следниот ден на 17 март дошла заедно со нејзиниот син кој исто така имал температура и повторно негирала патување во епидемиолошката анкета и негирале контакт со заболен. На 17-ти и 18-ти март примале  терапија во дневната болница, немале кашлица. На 19-ти март со потежок наод констирана е пневмонија и  се сместени во изолација, по што се земаат брисеви. Значи, на 19 и на 20 март се направени во два наврати анализи на двајцата. Резулатите од 19-ти март се негативни, а на 20-ти март се повторен тестот кај мајката и тој бил негативен. На 21-ви март состојбата се влошува направени се обиди за реанимација, но за жал без успех,  пациентката починала.  Со оглед дека компликацијата станува нагло, земен е материјал после смртта, уште еден материјал и тестот е позитивен на коронавирус. Преиспитани се повторно материјалите уште еднаш  и тие се негативни. Разговараме со експерти,  консултиравме литература никаде тестовите не се 100 посто сензитивни и тоа е докажано, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека е направена епидемиолошка анкета на здравените работници и ќе се види дали ќе одат во изолација или ќе бидат тестирани.

Инаку од семејството велат дека не била во странство во последните 4 години, а не патувал ниту синот кој сега е на инфективната клиника во Скопје.

Денеска пак се потврдени нови 29 случаи позитивни на корона вирус со што вкупниот број се искачи на 114.

На прес-конференцијата од вечерва министерот рече дека се уште се истражува комбинацијата на лек против маларија и антибиотик кои би можеле да помогнат во лекувањето на пациентите.

Во земјава антибиотикот е достапен, додека ќе се врши набавка на лекот против маларија.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ