Семејство со двајца вработени со минимална плата не можат да го истуркаат месецот

Близу 430 денари повеќе пари му требаат на едно четиричлено семејство сега во споредба со пред една година, за да си ги покрие основните месечни потреби.

Расте минималната потрошувачка кошница. Синдикатот измери дека во Март годинава тежела 32.852 денари. За два месеци поскапела за 91 денар.

Со вакви трошоци, не можат сите да го истуркаат месецот.

Дури и во семејството да има двајца вработени, ако земаат минимална плата, ќе им недостигаат околу 100 евра.

„Најпогодени се повеќедетните семејства и оние со мали приходи. Ако направиме една основна калкулација, семејство со двајца вработени со минимална плата, ќе има недостиг од околу 6 илјади денари. Има два аспекти зошто е така, прво, во структурата на потрошувачката кошница најголеми се издвојувањата за храна и пијалоци, просечно се 73 отсто, но кај најсиромашните тие изнесуваат 77 проценти. Кај најбогатите, пак, трошоците за храна и пијалоци се само 18 отсто“, вели Благица Петрески, Фајнанстинк.

Најмногу од семејниот буџет стандардно оди за храна и пијалоци, близу 13 илјади и 800 денари, 10 илјади и 400 се трошат за домување, за хигиена 2.300 и исто за превоз. Над две илјади денари требаат за облека и обувки, а најмалку пари нашите граѓани даваат за здравјето – само 700 денари.

Експертите велат дека паралелно со растот на кошницата, растеле и платите, па ако пред 5 години со една просечна плата се покривале 67 отсто од основните потреби, сега можат да се задоволат повеќе, 74 проценти.

Статистика измери дека во феврауари просечната нето плата е 24 илјади и 192 денари.

Сепак, и натаму многумина не се осигурани на целиот износ, добиваат и пари во кеш. Пресметките говорат дека дури 17,8 отсто од вработените кои имаат формален писмен договор, примиле плата во плико.

„Најчесто се погодени оние што имаат минимални примања, кај 62 отсто од вработените со минимална плата, примиле плата во плико. Тоа е најчеста појава во секторите градежништво и услуги“, вели Петрески.

За да се надмине оваа појава, експертите советуваат почести теренски контроли и високи казни за ваквите газди, но и даночни ослободувања како мотивација да се формализира работниот однос, особено за оние со ниските плати.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ