
Селото Тимјаник ги прифати четирите деца со посебни потреби
Никола, Антонио, Мартина и Аделина се новите жители на селото Тимјаник, Неготинско. Никола е најљубопитен и прв се подготви да ги пречека гостите. Аделина се преслече и дотера.
Четири деца со посебни потреби, пет стручни лица, реновиран објект и полно помагала и 24 часовна нега. Првиот дом – семејство отпочна со работа.
Пред еден месец нивното доаѓање крена прашина во јавноста, се протестираше. Денеска улиците зјаат празни. Протест нема, но дел од жителите сеуште негодуваат дека на децата не им е местото во Тимајник.
Ги виделе децата, но никој не им се извинил. Прв тоа го стори градоначалникот на општина Неготино.
Како се потрошиле парите од фондовите на Обединетите нации дојдоа да се уверат овдешните претставници. Во обиколка ги поведе надлежната министерка Мила Царовска, кој патем вети дека сите деца за неколку години ќе ги добијат условите во кои сега живеаат Никола, Антонио, Мартина и Аделина.
Во заводот во Демир Капија повеќе од 200 деца чекаат да им се случи Тимјаник. Не оној за кој зборуваа возрасните, туку оној кој сега е дом на четирите деца кои на заминување не испратија со насмвка.
Павле Беловски