Села се спасил од смрт само затоа што не покажувал знаци на живот

Судењето почна, без оштетениот пратеник Зијадин Села, но сите десетмина обвинети за обид за негово убиство на 27-ми април беа донесени во судница. Сите до еден се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делото кое им се става на товар. Обвинителот пак во воведниот збор наведе дека има докази, снимки и фотографии како со одвивало делото, кој од обвинетите го извлекол од групата пратеници и кои од нив го напаѓале, го удирале и зошто престанале.

„Единствено поради што нападот и удирањето не преминале во екстрем, не било колебањето на обвинетите, туку затоа што оштетениот Села не давал знаци на живот и сите во неговата близина мислеле дека е мртов. Сите повреди се нанесени на главата на оштетениот. Најмалку две од повредите на главата, засебно биле животно загрозувачки“, истакна обвинителот во воведниот збор.

Адвокатите на обвинетите негираа дека тие го извршиле делото убиство во обид, двајца  цитираа делови во обвинението во кое за нивните клиенти стоело дека го удриле Села, но тврдеа дека нема докази како ударите биле причина за делото убиство во обид. Обвинетите сите до еден, предводени од првообвинетиот Кире Ѓорѓиевски, се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Александар Јаневски-Тошта тврдеше дека го спасувал Села и дека не му е јасно зошто го оставиле 6 месеци на слобода па потоа да го уапсат иако веќе дал исказ за случајот. 6-то обвинетиот Коста Делов пак изјави дека пред апсењето не познавал лично никого од обвинетите.

Лидерот на Алијансата на Албанците ќе сведочи наредното рочиште на 8-ми февруари и ќе се соочи со обвинетите за нападот врз него.

Адвокатите на обвинетите останаа само на она што го кажаа во судница, но некои од роднините сметаа дека обвинителството монтира случај и против луѓе кои се обиделе да му помогнат на Села, а сега се обвинети.

Меѓу сведоците кои денеска се појавија беше министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, двајца новинари и вработени во Собранието, но сите тие ќе сведочат на некое од следните рочишта. Планирани за сведочење се и спикерот Талат Џафери, пратениците Кирацовски и Мухамед Зекири, и началникот од 6-та Управа Сашо Тасевски. Пред судот имаше засилено полициско обезбедување додека траеше рочиштето.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ