
Села го обвинува Заев за валкана политичка игра
Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, обвинува дека премиерот Зоран Заев игра валкана политичка игра и ја притиска албанската опозиција за проширување на владината коалиција. На својот фејсбук профил напиша дека, „во демократија опозицијата е орган на суверенитетот на граѓаните, многу витален, колку и самата власт. Да ја притискаш опозицијата, значи да ги притискаш граѓаните“.
Села пишува и дека, премиерот Заев се сочува со губењето на довербата кај албанскиот електорат, и затоа развива план за деградирање и понижување на албанската политика, присвојувајќи ги кон себе и укажувајќи им да внимаваат што ќе кажат во јавноста, инаку нема да бидат дел од владината коалиција.Пред пет месеци, Села самиот ја напушти владата, откако не го доби назад Министерството за здравство и ја одби понудата за вицепремиерско место за реформи. Позициите кои ги држеа од неговата партија, се очекува да ги добијат БЕСА или ДПА, кои деновиве ги привршуваат преговорите за влез во владата. Од крилото на Африм Гаши, потврдија дека добиле понуда, но не откриваат за кое министерство се работи. Повеќе детали ќе соопштат утре, по завршувањето на седницата на Централното претседателство, на која ќе се носи дефинитивна одлука. Од крилото на Биљал Касами тврдат дека се` уште не добиле никаква понуда. Нивниот пратеник, Фадиљ Зендели, минатата недела изјави дека бараат да управуваат со ресорно министерство. Затоа, пак, во ДПА упорно молчат иако и тие преговараат за влез во владата. Засега се празни Министерството за правда и вицепремиерските места за странски инвестиции и за реформи. Покрај овие, во јавноста се шпекулира и со други министерства, на чие чело би можеле да застанат новите коалициони партнери, почнувајќи од
образование и култура, па до животна средина, но ништо од ова нема официјална потврда.
Далиборка Демјанска