
Секој петти граѓанин на Македонија е гладен, а годишно се фрлаат околу 12 илјади тони храна
Во Македонија околу 450 илјади граѓани имаат проблем да обезбедат храна или во просек имаат по еден оброк дневно. Секој петти граѓанин на Македонија е гладен, а годишно се фрлаат околу 12 илјади тони храна. Со овој податок Македонија е лидер во регионот по количина фрлена храна. Ова го потенцираа од асоцијацијата “Ајде Македонија” која е предводник на мрежата “Сите сити” во која членуваат 30 организации кои работат на проекти за спасување на храна од фрлање и нејзино донирање на оние на кои им е најпотребна.
Македонија преку Агенцијата за храна и ветеринарство се приклучува на глобалната кампања на Обединетите нации, со мотото “Во светот да нема глад до 2030 година, тоа е возможно”. Директорот на агенцијата Зоран Атанасов вели дека генерално храната во Македонија е безбедна, а од храна најмногу увезуваме пилешко месо. Во 2018 година, досега се извршени околу 33 500 контроли на објекти кои произведуваат или служат храна.
Македонските потрошувачи реагираат со поплаки и до органзиацијата на потрошувачи со проблеми поврзани со храна и кондиторски производи.
Последниот извештај на Обединетите нации покажува дека во светот, во 2017 година околу 821 милиони луѓе, односно секој девети човек на планетата е неухранет.
Јордан Дуков