
Секој ден нов случај на семејно насилство на Југоистокот
Педесетина пријави за семејно насилство бележи полицијата во Југоистокот за помалку од месец и половина. Речиси еден случај дневно е пријавуван во СВР Струмица од 10 март до 20 април. Во статистиките на полицијата се бележи и голем број пријави за семејно насилство врз мажи. 18 наспроти 30 врз жени.
За зголемен број жртви на семејно и родово базирано насилство известуваат и од Центарот за згрижување жртви на семејно насилство во Струмица. За истиот период сместени се четири нови жртви а имале пријави уште од десетина.
И Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство предупреди дека во овој период се очекува зголемен број на случаи на семејно насилство. Тие повикаа на поголема вклученост на институциите за помош и поддршка на жртвите, особено затоа што се затворени со насилниците во своите домови. Жртвите на семејено насилство и нивните деца се изземени и од забраната за движење, бидејќи токму за време на полицискиот час може да имаат потреба итно да го напуштат домот.
Сузана Мицева