Седум повредени во критична состојба, роднините загрижени

Што да ви кажам кога и самиот не знам како ќе заврши денот, мојот 36 годишен брат со тешки повреди на белите дробови е приклучен на апарати за дишење, се надеваме ќе успее да се избори со повредите. Ова ни го кажа еден од роднините на повредените во тешката сообраќајна несреќа, тој беше меѓу многумината од семејствата кои утрово беа во Градската општа болница 8 септември за да дознаат нешто повеќе за своите најблиски.

Седуммина од вкупно 37 пациенти кои се лекуваат во клиниките во земјава се во критична состојба и се борат за живот, од нив четворица се на Интензивна нега во 8 септември а тројца во Клиничкиот центар. Меѓу повредените кои се на интензивна е и едно девојче кај кое ноќва дошло до крварење, па лекарите морале преку операивен зафат да и ја отстранат слезинката, по што се очекува дека ќе се подобри нејзината состојба.

Министерот Филипче кој ги посети повредените уверува дека здравствените власти прават натчовечки напори, се што е во нивна моќ за повредените да ја пребродат кризата и да се извлечат од тешката состојба. Мобилизирани се специјалисти од земјава и искористени се ресурси од сите клиники. Филипче со пофалба до Службите за итна помош, но и амбулантните возила на приватните болници, кои веднаш штом слушнале за несреќата, брзо и ефикасно реагирале да им помогнат на повредените. 80 отсто од медицинските работници самоиницијативно, за 15 минути дошле на работа за да се надмине тешката состојба со повредените. Не се точни тврдењата дека имало било каква непрофесионалност и доцнење.

Лично бев, кога дознавме за несречата сите се упатија таму, стигнале за она време кое што било потребно за физички да стигнат до местото на несреќата. Сите се мобилизирани тимови, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Директорот на 8 септември, Костов, со смирувачка порака до семејствата на повредените, тие ќе ја добијат целата потребна нега, а здравствените власти навреме ќе информираат за нивната состојба.

Ќе бидат направени сите потребни интервенции и процедури за побрзо подобрување на состојбата. Ќе ги дадеме сите информации за нивната здравствена состојба, вели Христијан Костов, директор на Градска општа болнива 8 септември.

Тој вели дека болницата 8 септември, каде се лекуваат најголем дел, дури 29 од повредените, го има потребниот кадар, доволно простор и опрема за да одговори на потребите за големиот број пациенти. Засега нема проблеми со потребите од крв, има доволни количини, но голем број граѓани сепак дојдоа да даруваат крв доколку за тоа се појави потреба. Шестмина повредени се на Клиничкиот центар, а дцвајца во Тетовската болница.

Меѓу повредените кои дошле во 8 септември е и возачот на автобусот, кој потоа бил пуштен на домашно лекување. Со него вчера веќе разговарале екипи од МВР и обвинителството, а се очекува дека разговорите ќе продолжат и денеска за да се утврдат причините за несреќата.

Премиерот Заев кој утрово дојде да ги посети повредените, за кои вели, многумина се млади луѓе и се чувствуваат добро, изрази благодарност до сите медициснки екипи, пожарникари и полицајци, но и до младите ѓители од селото Ласкарци кои несебично помагале, што вераојатно било пресудно да се спасат многу човечки животи.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ