
Седум македонски државјани се гонат за тероризам
Седум македонски државјани, меѓу кои најмладиот е 23 годишен, се гонат за тероризам.
Полицијата ноќеска спроведе акција во која уапси македонски државјани на возраст до 47 години, кои учествувале во воени и паравоени акции на туѓа територија.
Според наводите на полицијата, тие се бореле во војните на Блискиот исток.
„За македонските државјани кои се лишени од слобода, постојат основани сомненија дека како странски терористички борци учествувале во војните во Сирија и Ирак. За нив е распишана меѓународна потерница и поднесени се кривични пријави“, соопштуваат од МВР.
Кривичните пријави за седуммината уапсени се во рамки на полициските акции на МВР, Ќелија 1 од август 2015 година и Ќелија 2 од јули 2016.
Во овие акции беа уапсени 15 лица обвинети за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации.
Во македонското законодавство предвидена е затворска казна од минимум четири години за нелегална борба во странски војни.
Оние кои ќе бидат обвинети за насилен екстремизам можат да добијат и пет години затвор.
Во седум години воени акции на боиштата во Сирија и Ирак, учествувале повеќе од 27 илјади борци од странство.
Петар Догов