
Седницата за мандатот на Груевски се уште не е закажана
Понеделник нема да биде првиот ден кога пратениците од мандатно-имунитетната комисија ќе расправаат за мандатот на избеганиот Никола Груевски кој веќе шест месеци е во Унгарија каде е азилант. Таа седница ја нема ниту на распоредот на собраниските активности. Според информациите на Телма, мандатно имунитетната комисија која ја води Павле Богоевски ќе има седница но дури откако ќе заврши седницата на комисијата за одбрана каде треба да се усвојат повеќе десетици амандмани за законите за новата агенција за национална безбедност и за разузнавачката заедница.
Проценката на нашите извори блиски до власта е дека се многу поважни бебзедносните реформи отколку расправата за мандатот на Груевски. И во двете комисии е Павле Богоевски. Тој е претседател на мандатно имунитетната комисија и постои можност расправата наместо за неоправдано отсутниот и осуден екс премиер да се води за снимката и за самиот Богоевски. Пред три дена беше објавена снимка на социјлана мрежа на која се слуша како пратеникот по телефон нарачува половина нешто. Тој за разлика од опозицијата, голем дел од јавноста и од објавувачот на снимката- тврди дека не нарачувал кокаин туку масло од канабис за ублажување на болки на блиско лице. Богоевски и сам се пријави во полиција за купувањето, а случајот го истражува обвинителството и за трговија со наркотици но и за тоа кој нелегално го снимал пратеникот во такси и тоа го објавил на интернет. ВМРО-ДПМНЕ смета дека решението е оставка затоа што пратеник е неподобен за пратеничката функција поради трговија со криминални структури.
Павле Богоевски не сакаше ни денеска да коментира повеќе ниту за неговиот случај ниту за барањата за оставка ниту за комисијата и кратко ни рече дека останува на досега дадените изјави. Случајот го истражува обвинителството и полицијата. Мандатно-имунитетната комисија за Груевски треба да ја води Богоевски, но никој не кажува дали така навистина ќе биде или пак ќе има промени поради актуелниот случај. Во комисијата покрај сега само-пријавениот Богоевски членови се и амнестираните Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски, како и осомничениот за организација на крвавиот четврток Трајко Вељановски. Комисијата во рок од 15 дена по приемот на известувањето за 6-месечното отсуство на Груевски да одлучи да му го одземе мандатот.
Миомир Серафиновиќ