
Сеад Кочан од болница во Идризово
Околу 23 часот во затворот Идризово е примен бизнисменот Сеад Кочан кој треба да отслужи казна затвор од 4 години и 8 месеци затвор, потврдија за Телма од најголемиот македонски затвор.
Кочан е осуден во предметот Труст на СЈО. Во Идризово е однесен од приватна болница каде престојуваше и се лекуваше последните неколку дена и бараше одложување на затворската казна поради здравствената состојба, но судот ги отфрли сите негови барања. Лекувањето на Кочан траеше подолг период.
Доцна вечерва Кривичниот суд извести дека е даден налог за итно спроведување на Кочан на издржување на казната.
Од МВР соопштија дека наредбата е спроведена и лицето за кое е издадена е предадено на затворските власти и дека при приведувањето немало проблеми.
Директорот на КПУ Идризово, Боби Мојсоски за Телма изјави дека Кочан е примен во затворот во добра здравствена состојба. Осудениот е донесен со едно полициско возило, известува репортерот на Телма, Павле Беловски.
Кочан како сопственик на Трансмет беше прогласен за виновен поради незаконски добиен тендер за ископување во РЕК Битола. Покрај затворската казна осуден е и да врати средства од оспорениот тендер од 17 милиони евра. Отпочната е постапката за конфискација на негов имот во возила и во земјиште.