
Се зголемуваат корисниците-неплаќачи на вода од Ѓавато
И комуналното претпријатие „Комунална чистота“ од Богданци е на листата бесплатни корисници на водата од хидросистемот Ѓавато. Тие, седум години по потреба земаат вода од хидросистемот а не плаќаат надомест за неа. Од Комунална чистота за Телма изјавија дека имале договор со некогашното јавно претпријатие Дојранско Езеро да користат по потреба. По ликвидацијата на јавното претпријатие Дојранско Езеро, комуналното претпријатие на општина Богданци нема обновено договор со министерството за животна средина, и за водата што ја користи не плаќа.
Градоначалникот на Богданци пак, тврди дека сега не се користи водата од хидросистемот, но вработените во Ѓавато велат дека претходното раководство на општинското комунално претпријатие поставиле километарски линии кои се приклучени на Ѓавато.
Претплатниците на Дојранско Езеро со кои контактиравме велат дека останале затечени по одлуката за ликвидација на јавното претпријатие, но тогашната влада не нашла начин да го реши проблемот, а ниту сегашната и министерството за животна средина се немаат фокусирано на хидросистемот и загубите што тој ги прави.
Неодговорното раководење на Ѓавато донесе до ситуација државата да плаќа 60 илјади евра месечно за струја, а водата бесплатно да ја користат кој како стигне, дури и јавни прептријатија. Голем дел од нив до 2012 имале договори, а оттогаш до денес никој ништо ниту регулира, ниту наплаќа.
Министерството за животна средина повеќе од една недела не одговара на прашањата на Телма врз база на кој договор „Комунална чистота“ од Богданци користи вода од Ѓавато и колку плаќа за таа услуга? Министерството не одговори ниту на прашањата како може огромни плантажи да останат приклучени на системот седум години и иако раководството знае за нив, да не се најде соодветно решение или да се покрене постапка.
Сузана Мицева