
Се запали стан во Карпош 4, сопственикот е во стабилна состојба, велат од БППЗ
Густ чад од пламени јазици и повици за спас. Ваква беше сликата денеска после 10 часот во населбата Карпош 4, каде се запали стан на 17 кат, во една од зградите „ близначки“. Соседите сведочат на страшната слика, кога 58 годишниот сопственик на станот, В.Ѓ, барал помош од балконот.
Тоа беше страшно. Едно 15 минути само да вика, јас со него правам муабет, викам исто за да не се онесвести. Му велев , надвор главата повеќе за да може да дише. Веројатно беше така поздрав човек физички, инаку тој чад што го вдишуваше, среќа што дуваше ветер , па малку го разредуваше чадот. И потоа видов дека го снема. Некој го зема, кога дојде Брзата помош, вели соседка во зградата.
Еден од соседите со хебла го отворил опжарениот стан.
Со хебли мораше, за да се извади човекот од внатре. Моравме да го спасиме човекот, зашто ќе изгореше. Кога влеговме видовме чад имаше внатре. Човекот не го видовме, го симнаа долу со Брза помош.
Во гаснењето на пожарот и спасувањето на сопственикот на станот, беа вклучени 6 противпожарни возила и 15 пожарникари, велат од Бригадата за проптивпожарна заштита.
Оленителна околност за нас е што немаше каде да се шири пожарот. Меѓутоа беше во доста напредна фаза, со висока температура. Прво пристигнала екипата од Тафталиџе. Тие работеле на евакуација и на обезбедување самоевакуација на луѓето кои што биле во зградата. Потоа стигнале екипите од потцентарот од „ Ѓорче Петров“ и ние од Автокоманда. Во моментот на моето пристигнување , беше евакуиран еден човек кој што е веројатно сопственик на станот и кој што беше загрозен, како последица од пожарот. Меѓутоа, моите сознанија од екипите на Брза помош, се дека е во добра, стабилна состојба, вели командирот Роберт Фифа.
Сопственикот на опожераниот стан В.Ѓ. е однесен во Ургентниот центар, а МВР во текот на денот ќе врши истрага за причината за пожарот, велат од Министерството за внатрешни работи.
По 30 минути активност на противпожарните екипи, пожарот е целосно изгаснат. Неофицијално, причината за пожарот е експлозија на плинска боца.
Сотир Трајков