
Се враќа пасијата за размена на сликички за Светското првенство
Различни генерации на едно место секој викенд на зборно место кај фонтаната во парк ги обединува најважната споредна работа на светот и фудбалската самолеплива читанка која ја осмисли Умберто Панини во 1970 –та. На Фејсбук има две групи за размена на сликички каде се се постираат информации кому колку му недостасува за да го пополни целиот албум. Многумина кои се тука ја продолжуваат традицијата на своите родители, горди на албумите – чувари на нивните сеќавања за победите и порази на нивниот омилен тим.
– Пред четири години кога го собрав албумот, го собрав тука и после останав уште два саата да им помагам на луѓе кои ги запознав тука да ги наполнат нивните албуми и тоа беше кревам сликичка во рака и викам на кого му фалеше 365, од другата страна крева рака и вели менен. Му ја носам тој е среќен, се радува. Ми дава сто слики, одам му давам на друго дете, детето среќно трча со татко му, јас иако возрасен и јас се возбудувам среќен како нив, изјави колекционер на сликички.
Возрасните срамежливо ја избегнуваа камерата, небаре во ова брзо темпо на живеење е помалку чудно повторно да бидете дете кое знае да се радува на само навидум обични нешта. Нивните деца пак не можеа да ја сокријат возбудата и радоста
– Речиси секоја сабота доаѓам тука го собирам албумот од кога почна, купував речиси по десет пакетчиња секој ден, собирав дупликати и доаѓав тука да ги менувам и со другарите во училиште. Ми фалат уште десетина сликички, тука се дружиме неколку другарчиња кои ги запознав, со некои веќе се познавав, додаде еден од помладите собирачи.
Ова ми е прв пат да дојдам тука ама татко ми се разменува.
– Дојдена сум да му помагам на татко ми да ги собере сите сликички… Цело време доаѓаме тука саботи и недели, се дружиме и си разменуваме, вели еден од редовните учесници на овие собирања на размена на сликички.
Многумина беа дојдени да ги разменат сликичките на своите внуци кои заминале на продолжен викенд и им оставиле задача која не смее да се заборави.
– Внукот ми даде задача, разбрал дека неговите другарчиња собираат албум и јас одма: дедо штом е тоа тоа е, рече еден од повозрасните учесници на размената.
Фактот дека албумот за претстојното Светско првенство во Русија 2018 чини двојно повеќе во споредба со тој што беше за Европското првенство во Франција пред две години се разбира е причина зошто е намален бројот на колекционери на сликички кај нас. Сепак кога сведочиме на време во кое гледаме се помалку насмеани лица, радува сликата на сите овие насмевки кои со нетрпение го очекуваат почетокот на Светското првенство во Русија на 14 јуни.
Нина Стефанова